Носење заштитна маска ќе стане задолжително во сите германски сојузни држави, како дел од борбата против ширењето на коронавирусот. Бремен е последниот федерален регион кој ја прифати одлуката и неговиот сенат треба да ја потврди в петок.
Носење маска ќе биде задолжително во јавниот превоз низ земјата, а во речиси сите држави лицето ќе мора да се покрие и при одење на пазарување.
Канцеларката Ангела Меркел препорача носење маска кога деновиве низ земјата беа олеснети рестриктивните мерки, но сојузните држави издадоа различни насоки за тоа.
Според последните информации од институтот „Роберт Кох“, во Германија има 145.694 случаи на коронавирус и 4.879 починати, при што втор ден по ред има пораст на бројот на новозаразени. Универзитетот Џонс Хопкинс објави дека во Германија има 5.117 починати од КОВИД-19.
Федералниот институт за вакцини одобри да се почне со клинички тестирања на можна вакцина врз луѓе, во што ќе учествуваат околу 200 здрави волонтери на возраст меѓу 18 и 55 години.