Дваесет евра е казната за неносење заштитна маска за физички лица, а 2.000 евра е казната за домашни и странски фирми кои не обезбедиле заштитни маски за вработените заради заштита од коронавирусот, стои во уредбата која вчера ја донесе Владата, а која излезе во службен Службен весник со број 107 и стапува на сила од денеска. До 30 април 2020, за прекршување на уредбата Министерството за внатрешни работи, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Државниот пазарен инспекторат ќе изрекуваат писмени опомени, а по тој датум ќе се казнува.
„Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на секое одговорно лице во правното лице ако постапува спротивно на одредбите за обезбедување на заштитина опрема на вработените“, стои во Уредбата.
Личната заштитна опрема за покривање на носот и устата може да биде респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, памучна или свилена марама или шал, бандана и слично.
Во членот 2 од Уредбата е наведено дека секое домашно или странско физичко лице на територија на Северна Македонија е должно да носи лична заштита на лицето при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично).
По исклучок од ставот 1 на овој член, секое домашно или странско физичко лице на територијата на Северна Македонија, може да не ја носи личната заштита на лицето, ако: носи посебна лична заштита на лицето во рамки на извршувањето на нивните работни задачи; престојува во двор на станбена семејна куќа, вози велосипед или спортува на отворено како индивидуални спортски активности, патува во патничко моторно возило со лица со кои што лицето живее во заедница или домаќинство или се движи на јавни места и површини од отворен тип и целосно го одржува дозволеното минимално растојание од најмалку два метрa од друго лице.
„Ова практично значи дека доколку се движите низ гужва на улица, чекате јавен превоз со голем број патници на станицата или сте во слична ситуација да морате да бидете во непосредна близина на други лица и не можете да се одалечите на 2 препорачаната дистанца од 2 метрa, задолжително носете заштитна опрема“, вели Министерството за здравство.
Уредбата ќе трае до завршувањето на вонредната состојба, како и до завршување на пандемијата со КОВИД-19 прогласена од Светската здравствена организација (СЗО).
Од денес се намалува времетраењето на полицискиот час и наместо од 16 часот, забраната за движење ќе почнува од 19 и ќе трае до 5 часот . На вчерашната владина седница донесена е одлука полицискиот час во викендите да почнува од 15 часот во сабота и да трае до 5 часот во понеделник.
„За лицата над 67-годишна возраст ќе биде дозволено движење секој работен ден од 5 часот до 12 напладне. Младите до 18 години ќе може да излегуваат од понеделник до петок од 13 до 19 часот. Во сабота за лицата над 67-годишна возраст ќе биде дозволено движење од 5 до 11 часот, а за лицата до 18 година од 12 до 15 часот“, се вели во соопштението на Владата.
Б. НЕСТОРОСКА