Две лица кои престојувале во државен карантин во велешкиот хотел „Монтенегро“ се позитиви на КОВИД-19. Оваа информација ја потврди Тони Димитриевски, директорот на велешкиот Центар за јавно здравје.
Портпаролот на велешката болница д-р Весна Николовска-Неделковска кажа дека тие се хоспитализирани на Инфективното одделение. Двете заболени лица биле меѓу македонските државјани кои во Скопје неодамна стигнале со авион од Брисел. Групата броела 78 лица.
„Вечерта по пристигнувањето, дежурниот лекар кој го обезбедува државниот карантин во хотелот ‘Монтенегро‘ при прегледот констатирал дека еден повратник има покачена телесна температура и сува кашлица, додека други двајца се пожалиле на сува кашлица и малаксаност. Побарана е асистенција од Службата за итна медицинска помош, при што тројцата се превезени до Инфективното одделение при ЈЗУ Општа болница Велес, каде што се примени на болничко лекување“, соопшти д-р Страхил Тодоров, портпарол на Итната помош при ЈЗУ Здравствен дом Велес.
На трите лица им биле земени брисеви, а кај две резултатите биле позитивни.
П. ПЕЧКОВ