„Еуролинк oсигурување“ ја отвора својата прва онлајн филијала, каде што граѓаните преку еден клик на својот мобилен телефон или компјутер ќе можат да пристапат до сите услуги и да добијат совети од искусни консултанти за осигурување.
Од „Еуролинк oсигурување“ велат дека ова е нов начин за брза реализација на секојдневните активности со намалување на личен контакт, но иако поттикнат од пандемијата, тој ќе се применува и во иднина.
„Приближувањето на нашите услуги и продукти до граѓаните преку нови технологии и пренесувањето на осигурителните услуги онлајн започна уште со нашето воведување на првиот веб-шоп за осигурување во земјава. Тука се и мобилната апликација, 24/7 Контакт центарот, електронското пријавување штети и електронското плаќање фактури и рати. Со поставувањето на првата онлајн филијала, практично го заокружуваме овој процес“, изјави Марија Томеска, претседател на Управниот одбор на „Еуролинк oсигурување“.
До онлајн филијалата се пристапува преку filijala.eurolink.com.mk и се користи платформата Cisco Webex Meetings.
Онлајн филијалата работи со исто време како што во моментов функционираат сите други филијали на „Еуролинк oсигурување“: секој работен ден од 8 до 14 часот.