ВО ПОЛИЦИСКИ ЧАС ИШАРАН МЕМОРИЈАЛНИОТ КОМПЛЕКС НА ПАДНАТИТЕ БОРЦИ ВО НОБ ВО ШТИП

    ВО ПОЛИЦИСКИ ЧАС ИШАРАН МЕМОРИЈАЛНИОТ КОМПЛЕКС НА ПАДНАТИТЕ БОРЦИ ВО НОБ ВО ШТИПНиту една спомен плоча не е поштедена, ишарани се и спомен-плочите на некои од 814 загинати борци во НОБ чии имиња се дел од целиот Меморијален комплекс на Исарот во Штип, чија автор е еден од најреномираните југословенски архитекти во 20. век Богдан Богдановиќ. (Фото: СДК.МК)

    Меморијалниот комплекс на паднатите борци во НОБ на тврдината Исар во Штип изминатите денови е ишаран, а платото пред комплексот наполнето со отпадоци.

    „Сквернавење имало и порано, но шарањето на спомениците со големи црни бои и со вулграни и навредливи содржини е континуирано. Последното оштетување се случило овој викенд, само не знаеме дали во саботата преку денот или во неделата за време полицискиот час. Има голем број млади рекреативци кои минуваат низ комплексот, но навечер се собираат и млади делинквенти“, велат жителите од блиските куќи кои утрово биле на прошетка до споменикот на Револуцијата.

    Тоа го потврдува и претседателот на боречката организација во Штип Перо Мицевски, кој изготвил комплетен извештај за оштетувањата на спомениците и спомен-обележјата не само на Исарот туку и во цела Општина.

    „Извештајот е доставен до општинските власти кои со склучената спогодба се должни да ги одржуваат спомениците. Од нив добивме ветување дека ќе се извршат комплетно санирање на оштетените споменици“, вели Мицевски.

    Меморијалниот комплекс во чест на паднатите борци во НОБ на Исарот во Штип се градел пет години, од 1969 до 1974, кога е пуштен на 8 Ноември, Денот на ослободувањето на градот. Автор бил еден од најреномираните југословенски архитекти Богдан Богдановиќ. Комплексот е посветен на 814 борци во НОБ кои загинале во четиригодишната борба против фашистичкиот окупатор, а 80 од нив во директна борба против фашистите. Нивните имиња се напишани на спомен плочите кои се дел од комплексот.

    Штипското спомен-обележје на Богдановиќ се вбројува меѓу најдобрите на Балканот, заедно со Партизанските гробници во Прилеп и Мостар, Камената населба кај Авала, Белград, Слободиште кај Крушевац и Јасеновскиот цвет, изграден во 1966 во знак на сеќавање на убиените во концентрациониот логор кај Јасеновац, Хрватска, сите дело на овој врвен светски архитект.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира