Холандската амбасада во Скопје одлучи да им подари на македонските здравствени работници повеќе од 1.000 лалиња и поголем број преведени книги од холандски автори по повод роденденот на холандскиот крал Вилем Александар. Од Амбасадата велат дека поради коронавирусот не можат да организираат никаква прослава, па се решиле да им дадат подарок на вработените од здравствениот сектор, кои неуморно и посветено се борат со вирусот.
Лалињата и книгите ќе бидат утре доставени до Министерството за здравство, кое потоа ќе ги достави подароците до вработените во Институтот за јавно здравје и болниците во кои се лекуваат пациенти со КОВИД-19.
И во Холандија нема да има прослава по повод Денот на кралот поради пандемијата на коронавирус. Годинава нема да има кралски игри, базари и масовно посетени концерти на отворено. Ќе има алтернативна програма, која ќе се следи преку телевизија и интернет.