Владата на денешната седница одлучи да позајми 50 милиони евра од Светска банка, пренаменувајќи ги средствата од Проектот за поврзување на локални патишта, за кофинансирање на мерката за исплата на плати на вработените во приватниот сектор.
Согласно пакетот економски мерки за справување со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус, Владата се обврза да им помогне на работодавачите во приватниот сектор погодени од кризата со исплата на плати за април и мај во износ најмногу до 14.500 денари по работник.
„Денеска Владата ја усвои Информацијата за реалоцирање на средства од Проектот за поврзување на локални патишта финансиран од Светска банка, во износ од 50 милиони евра, во насока на кофинансирање на владината мерка за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза за исплата на платите на работниците за месеците април и мај 2020 година“, се вели во владиното соопштение.
Претходно денеска, Уставниот суд поведе постапка за утврдување на уставноста и законитоста на владината уредба за кратење на платите на избраните и именуваните лица, мерка со која требаше да се заштедат 3,9 милиони евра.