Просторот пред Градскиот трговски центар (ГТЦ) и Портата конечно е слободен за движење. Град Скопје, осум месеци откако почна со реконструкција и менување на изгледот на овој цел на центарот на градот, деновиве заврши со градежните работи.
Долж патеката засадени се дрвја, поставени клупи и корпи за отпадоци. Во делот кај Портата поставени се хидраулични столпчиња, за да се спречи влез на автомобили на Плоштадот Македонија.
Простот пред трговскиот центар „Лумикс“ не е опфатен со реконструкцијата и тој сега е раскопан и заграден со огради. Од Градот објаснуваат дека овој простор не може да се реновира бидејќи е приватен имот, односно за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ ова државно земјиште беше продадено на албанската фирма „Амадеус груп“, која тука требаше да ги гради т.н. „Шпански скали“.
За продажбата на државното земјиште за изградба на „Шпанските скали“, Обвинителството за организиран криминал и корупција во декември лани поднесе обвинение против ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште против 10 службени лица од Министерството, од Катастар, против нотар, поранешен заменик правобранител и бизнисмени. Тие се осомничени за злоупотреба на службена должност за договори за продавање на државно земјиште во центарот на Скопје за таканаречените „Шпански скали“, проект кој требаше да биде дел од „Скопје 2014“. Договорите за земјиштето биле дополнувани со анекси и покрај тоа што не биле исполнувани условите за тоа. Во обвинението се вели дека со своите дејствија обвинетите предизвикале штета на буџетот во вкупен износ од 2,6 милиони евра.
А. АНТЕВСКА