Австрија понуди лекување во своите болници за пациенти од Македонија среде пандемијата на коронавирусот, искажувајќи ѝ поддршка додека самата полека почнува да ги олеснува рестриктивните мерки.
„Дури и во време кога пандемијата зема голем замав, болниците во Австрија остана отворени за пациенти за итни случаи од Северна Македонија“, соопшти австриската амбасада во Скопје.
Погодена од коронавирусот две и пол недели пред Македонија, Австрија меѓу првите во Европа воведе строги мерки и ограничувања со цел да го запре ширењето на заразата, па од утре почнува да излегува од карантинот.
„Австрија ја поддржува Северна Македонија во оваа криза со конкретни средства и добра. Коронавирусот нè става пред нови предизвици со кои само заеднички можеме да се справиме. Австриската помош и солидарност се првенствено насочени кон земјите од Западен Балкан. Продолжуваме да работиме заедно и да се залагаме Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан наскоро да можат да го заземат своето место во ЕУ“, изјави министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг.
Австрија исто така ќе ѝ испрати помош на Македонија во вид на генератори, шатори, ќебиња, душеци и средства за хигиена.