КАДЕ Е ПРЕДМЕТОТ ЗА ОРЦЕ КАМЧЕВ, ГОТОВ МИ БЕШЕ „ИМПЕРИЈА“, КАЖА ЈАНЕВА

    КАДЕ Е ПРЕДМЕТОТ ЗА ОРЦЕ КАМЧЕВ, ГОТОВ МИ БЕШЕ „ИМПЕРИЈА“, КАЖА ЈАНЕВАЈанева рече дека 170 предмети со 92 милиони евра замрзнат имот се предадени на Јавното обвинителство. - Катица Јанева; Вилма Русковска (Фото: СДК.МК)

    Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева продолжува да дава одбрана на судењето за „Рекет“ во Кривичниот суд.

    „Орце Камчев се јавуваше како осомничен и сведок и во други предмети. Не беше таргет, но заборави дека неговите миленички се, а тој многу сака да им се исповедува. Не мораше него да го ставаме под ПИ-мерки“, сведочи обвинетата во „Рекет“.

    Таа зборуваше за извештаите од обвинителите Бурим Рустеми и Лиле Стефанова за истрагите „Поштенска банка“ и за “Империја”

    „Дали како специјална јавна обвинителка некогаш сте презеле дејствија да го привилегирате Орце Камчев, ќе го направите заштитен сведок, ќе му понудите спогодба за вина да плати незначителна штета?”, праша адвокатката.

    „Го чекав овој момент долго. Ќе се заколнам и во своите деца дела никогаш не сум му понудила такво нешто на Јордан Камчев. Немаше потреба. Тој само сакаше да соработува во ‘Империја’”, одговори Јанева.

    Рече дека „Рекет“ е монтиран случај за да биде уништено СЈО, а бизнисменот Камчев да се спаси. Но, кажа дека се излажале во тоа.

    Јанева рече дека 170 предмети со 92 милиони евра замрзнат имот се предадени на Јавното обвинителство.

    „Готов беше Империја. Каде е? Го чекам! Досега требаше да биде сработен! Ако дојде до тоа Катица што ги обвини сите да дојде на ред да одговара, нека! Ќе одговарам, ќе бидам задоволна кога ќе ги сработат предметите!”, зборува Јанева.

    На прашање, одговори дека никогаш ништо не зела ни материјално, ниту парично од Јордан Камчев за да го привилегира или ослободи од кривично гонење.

    „Јас сум невина и барам Судот да ме ослободи. А за моите колеги од Специјалното обвинителство оставам еден аманет: ‘Никогаш да не постапуваат како во овој предмет обвинителството за организиран криминал што постапува’“, рече Јанева пред паузата. Половина од поранешните обвинители од СЈО, конкурираа за во ОЈО за организиран криминал кај што е шефица обвинителката Вилма Русковска, која го води „Рекет”.

    Потоа јавноста беше исклучена од судница затоа што Јанева во одбраната зборуваше за поврзаност на пријавителот Камчев со истрага што ја водело СЈО паралелно со „Империја. Неофицијално, како сведок.

    По неколкуте вкрстени прашања од обвинителката Вилма Русковска, судијката Васка Николовска- Масевска ја затвори доказната постапка и закажа завршни зборови на 19 и 20 мај.

    Судијката му дозволи на првообвинетиот Бојан Јовановски да стане на крајот и му даде збор.

    „Ве молам судија, барем на крајот да се почувствувам како човек, зашто цел живот сум навредуван и покажуван до прст. Барам поблага мерка куќен притвор и барам да одлучите сега”, рече Боки 13.

    По советувањето, советот одлучи да се одбие барањето на Јовановски, со оглед на тоа дека постои опасност од бегство, рече Николовска-Масевска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира