Поради вонредната состојба со коронавирусот, Штипскиот народен театар започна со онлајн проекции на театарски претстави кои биле изведени во Штип, а по повод 70-годишнината од постоењето на професионалниот народен театар кој со работа започнал во 1950, и во чест на стогодишнината од театарската дејност во Штип и 126-те години од првата театарска престава, која ја поставиле Гоце Делчев, Даме Груев и Пере Тошев додека биле учители во градот.
Според енциклопедијата за театарот во Штип, за почетоците на театарскиот живот се земаат 1920-те, во кои музичките и театарските ентузијасти од градот одлучиле својот културен идентитет да го конструираат и преку сценската практика. Сепак, врз основа на историски пишувани документи, Институтот за театрологија смета дека првата театарска претстава во Штип била изведена пред 126 години кога во Штип биле учители Даме Груев, Пере Тошев и Гоце Делчев. Во учебната 1894/95 година тие ја поставуваат на сцена романтичната трагедија „Разбојници“ од Фридрих Шилер. Тројцата револуционерни дејци во Штип биле учители од 1894 до 1896.
Театарски активности во Штип почнало да има од 1920, а во 1923 во Штип било формирано театарско друштво чиј основач бил гимназискиот професор Душан Будимировиќ. Во негова режија биле изведени неколку француски булеварски комедии, па комедијата „Кир Јања“ на Стерија Поповиќ, а од актерите на 29 август била изведена првата опера во Македонија, „Палјачи“ од Леонковало поставена од основоположникот на музичката дејност Сергеј Михајлов.
Неколку месеци подоцна, свечено била отворена нова театарска сала која била сместена во тогашниот хотел „Гранд“ во Штип. Таму, за кратко време била изведена претставата „ Женидба “ од Гогољ во режија на Методиј Попов, а веднаш по неа и комедијата „Граѓанинот племиќ“ од Молиер.
Според архивската граѓа на МАНУ, во 1923 се основа театарско друштво во Штип. Со отворањето на театарската школа за актери, аматерската група прераснала во актерски ансамбл со едуцирани кадри. Во тоа време, театарот прераснал во Штипски повластен театар кој интезивно почнал да работи на драмски и музички претстави. Во некои претстави учествувале и актери од тогашните театарски центри, пред сè од Скопје и Белград. Две години подоцна во Штип доаѓа актерот и режисер Душан Цветковиќ од Белград, кој станал и првиот управител на првиот Повластен театар. Во 1926, во работата на Повластениот театар се вклучува и Светолик Никачевиќ, актер од Скопје. Новиот квалификуван кадар придонел да има квалитетен скок и на претставите.
„Во златните години на Штипскиот театар, од 1923 па до 1927 биле реализирани над 100 претстави, претежно со глобална национална и патриотска содржина, како што биле ‘Гроф Мишка’ од А. Де Флер, Молериовите дела ‘Желе’, ‘Скаперникот’, ‘Вообразениот болен’, ‘Тартиф’ и ‘Граѓанскиот племиќ’, па ‘Хамлет’ од Шекспир, ‘Лилјак’ од Хафнер, ‘Ревизор’ од Гогољ, ‘Сирано де Бержерак’ од Едмон Ростан, потоа претставите ‘Лажа и Паралажа’ и ‘Покондирана тиква’ од Стерија Поповиќ, па Нушиќевите ‘Народен театар’, ‘Сомнително лице’, ‘Протекција’, ‘Свет’, претставата ‘Македонка’ од Д. Будимировиќ и штипјанецот Славко Нетков, „ Коштана“ од Бора Станковиќ, „Просидба“ од А. П. Чехов, делата на Сремац ‘Ивкова слава’, ‘Зона Замфирова’ и други“, вели професор д-р Кирил Цацков, кој во 1995 ја објави книгата „Просветата и културата во Штип и Штипско“.
По атентатот над генерал Ковачевиќ на 5 октомври 1927, работата на театарот била забранета се до 28 март 1929, но само за неколку години затоа што во 1936 згаснал Штипскиот повластен театар. Дури по Втората светска војна започнува нова ера на организирано театарско живеење. Драмските секции во партизанските бригади понесени од големата победа над фашизмот ја извеле претставата „Хитлер во агонија“ која била изведена во салата на хотелот „Македонија“ во Штип.
Во трудот на Атанас Николов објавен во книгата „Астибо-Штип за културните институции и нивната дејност во Штип“ се вели дека синдикалната драмска секција се ориентираше главно на едночинки и со успех ги прикажуваше пред граѓаните, како што се претставите: „Аналфабет“, „Нема веќе кој да доаѓа“, „Лебот е поскап од виното“, „Зелената гранка“ и други. Тоа било основата на Штипскиот театар да прерасне во Областен театар.
Во 1950, Обласниот театар прераснува во Народен театар на Штип кој почнал да протежира народен драмски стил. Иван Ивановски, во својата книга „Половина век театар во Македонија“, пишува дека во недостиг на кадар во тоа време постоело буквално копирање на репертоарот што се реализирал во централната, национална театарска куќа во Скопје. Таа година Народниот театар во Штип реализирал 44 премиери. Најзастапен бил Бранислав Нушиќ со осум пиеси, а од македонските драматурзи Васил Иљовски со три драмски дела „ Бегалка“, „Чест“ и „Кузман Капидан“, потоа Коле Чашуле со „Вејка на ветерот“ и Антон Панов со „Печ“.
За театарскиот живот во Штип има пишувано и долгодишниот актер Алеко Протогеров, кој пред да се пензионира беше и директор на Народниот театар во Штип. Тој, во својата книга „Театарот во Штип од 1949-1994 година“, фактографски ги има апострофирано сите театарски настани и случувања и околу театарот во овој град. Ивановски на ова додава дека по 1970-те на сцената на Народнот театар во Штип биле прикажани и претставите „Црнила“ од Чашуле и „Расколникот“ од Хетим и двете во режија на Наум Пановски, потоа „Мојот татко социјалистички кулак“ од Лојзе Пертлич во режија на Борко Зафировски, „Зикови“ од Максим Горги во режија на Илија Милчин, претставата „Тетовирани души“од Горан Стефановски, а во режија на Богдан Поп Ѓорчев, претставата „Танго“ од Мрожек во режија Ѓорги Трајанов, „Лет во место“ од Стефановски, а во режија на Стојан Стојаноски и други.
Институтот за театралогија забележал дека од 1948 до 2001, во Народниот театар во Штип биле изведени 295 премиери. Прв професионален состав во 1950-те Милка Ќераматчиева, која била и директор на театарот, потоа Борис Арсов режисер и актерите, Александар Думов, Олга Рунчева, Димитар Зајков, Алеко Протогеров, Трајче Зафиров, Ружа Икономова, Ацо Арсов, Стојка Слејанска и Илија Арев.
Во новиот век, театарската дејност и Штипскиот театар добиваат сосема нови димензии и статуси. Народниот театар, денес работи во состав на Центарот за култура „Ацо Шопов“. Режисерскиот и актерскиот кадар полека се обновува со нови професионални, актерски, школувани кадри. Но, со оглед на разните економски рестрикции и ограничени средства што театарот ги добива за својата дејност, веќе неколку години делуваат лимитирачки па се случува годишно да има само по неколку премиери и праизведби, главно на претстави за деца.
За прославата на јубилеите, онлајн проекциите се отворија со претставата „Хасанагица“. Викендов на програмата е претставата „Лазаревото писмо“ од Живко Чинго, наградена за најдобра режија, драматургија и музика на фестивалот „Војдан Чернодрински“. Според режисерот Никола Ристов, во наредниот период ќе се прикажуваат театарски претстави за кои има квалитетни снимки, па врз основа на една таква селекција ќе бидат и онлајн проекциите.
„Очекувано е на стартот да има мал број публика затоа што публиката уште не знае за ова, но се надеваме дека во наредните денови социјалните мрежи ќе бидат многу помасовно посетени и следени од театарската публика преку сајтот Teatarstip.mk “ вели актерот Милорад Ангелов.
Т. ЈОВАНОВСКИ