Владата на Малта објави дека ќе покрене истрага откако јавен обвинител ја напушти својата работа за да му се придружи на тимот адвокати кои го бранат бизнисменот на кого му се суди за убиството на новинарката Дафне Карвана Галиција.
Истражувачката новинарка беше убиена во октомври 2017 година од експлозивна направа поставена под нејзиниот автомобил, а како нарачател на убиството е обвинет бизнисменот Јорген Фенех.
Адвокатот Шарл Мерсиека ѝ се придружи на одбраната на Фенех само ден откако ја напушти работата на јавен обвинител. Владата на Малта го опиша овој потег како нечувствителен, но додаде дека Мерсиека не работел на случајот додека беше јавен обвинител. Таа, сепак, покрена истрага за овој трансфер.
„Имаме силни сомнежи дека Фенех го ангажирал Мерсиека поради неговиот увид во работата на државниот обвинител“, изјави холандскиот адвокат Питер Омцихт, кој го следи случајот во име на Советот на Европа.