Автомобил излета од пат и падна на пругата кон Гевгелија, по што за малку не бил удрен од товарен воз, кој сопрел на време. Во автомобилот имало петмина патници од Куманово и Неготино, меѓу кои и тримесечно бебе. Несреќата се случила синоќа околу 19 часот на регионалниот пат Велес-Градско, близу Агриа, кој е забранет за сообраќај поради изведување градежни работи.
„Патничко возило ‘рено‘ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б. Д. (22) од Куманово, излетало од патот и паднало на пругата, а на него налетал товарен воз, кој сообраќал од Велес за Гевгелија“, изјави Верољуб Додевски, портпаролот на СВР Велес.
Од Македонски железници соопштија дека машиновозачот го видел автомобилот правовремено и го сопрел возот, со што била избегната вистинска трагедија.
Први на помош пристигнале велешките пожарникари, кои од оштетеното возило ги ваделе патниците. Со две возила интервенирала Брзата помош од Велес. Откако им била дадена прва помош на повредените, биле имобилизирани и префрлени во велешката болница.
„Дваесет и седумгодишен пациент поради повреди на ‘рбетот е препратен во Клинички центар во Скопје, како и тримесечното бебе поради повреди на главата. Тоа е вратено назад и задржано на одделение. Неговата мајка и другите две лица, кои се пуштени на домашно лекување, се со лесни повреди“, информираше д-р Весна Николовска-Неделкова, портпарол на Општа болница Велес.
П. ПЕЧКОВ