Болницата во Штип испраќа пациент со скршеница во Скопје. Тој доаѓа во Ургентниот центар на Универзитетските клиники, но бидејќи имал благо покачена температура, како суспектен за КОВИД-19 го препраќаат во Градската општа болница „8 Септември“. Таму му измериле нормална температура, според епидемилошкиот прашалник не е сомнителен, но не можат да го примат затоа што ќе треба да лежи заедно со заболени од КОВИД-19. Затоа го препраќаат во старата градска болница во центарот на Скопје каде што конечно му прават интервенција за скршеницата.
Вакви случаи се речиси секојдневие во трите најголеми државни болници во главниот град. Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција тврдеше дека во Градската општа болница „8 Септември“, се примаат и редовни пациенти, а не само заразени со КОВИД-19. Но, на прашање на САКАМДАКАЖАМ кога ќе се нормализира работата на бившата Воена болница изјави дека деновиве интензивно работат да се ослободат капацитетите на болницата „8 Септември“ и болните од КОВИД-19 да се лекуваат на Инфективната клиника. „Во овој момент се прави распоред во Клиниките, за евентуално да се ослободи капацитет на болницата ‘8 Септември‘ и пациентите со КОВИД-19 да се лекуваат на Инфективната клиника.“, изјави Филипче.
Додека да се случи тоа се откажуваат редовни прегледи и одамна закажани интервенции, а често се случува и итните случаи да се шетаат од болница во болница. Од 18 март, кога беше прогласена вонредна состојба Градската општа болница „8 Септември“ практично функционира како инфективна клиника, иако тамошното инфективно одделение со капацитет од 26 легла го опслужуваат само двајца инфектолози.
Во „8 Септември“, која има 400 болнички легла, хоспитализирани се 20-тина пациенти со КОВИД-19. Тие не лежат само на инфективното одделение, туку и на други одделенија во болницата, а најтешките случаи се сместени на одделот за интензивна нега поради што процесот е практично блокиран, а се прават операции само на тие што се суспектни на коронавирусот, или животозагрозувачки итни случаи. Бидејќи е сопрена редовната хируршка програма на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и во ГОБ „8 Септември“, пациентите кои не можат да чекаат се принудени да плаќаат илјадници евра во приватните болници. Дополнително, се откажуваат и контроли на пациенти со тешки хронични болести, чија состојба лесно може да се влоши ако повеќе месеци се оставени без лекарски надзор.
Најголем дел од пациентите кои во нормална ситуација би биле третирани на клиниките на Водно или во „8 Септември“ се препраќаат во Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Таму дневно се примаат 250 до 280 пациенти и се прави гужва пред болницата, бидејќи надвор им се мери температура и епидемиолошка анкета. И покрај напорите на вработените во болницата, во таква ситуација тешко се почитува ред и дистанца, како што предвидуваат мерките за заштита од коронавирус.
Директорот на Градска болница Љубен Арсенков вели дека и здравството ќе мора да се прилагоди и да продолжи со работа под посебни методи.
„Најверојатно ќе мора да се прилагодиме на новата нормалност и во здравството, со воспоставување стандарди на лекување под посебни методи. Имаме зголемен број на пациенти, одговорно тврдам дека ниту еден не е вратен од нашите вработени. Од 1 април досега имаме напоравено 193 операции. Најмногу се трауматолошки, онколошки и абдоменални, меѓутоа има и многу кои што се на листа на чекање. Но, и тие што чекаат, не може да чекаат до недоглед. Ова зло може да го победиме само заедно, ама на дистанца“, вели Арсенков.
Дополнителен проблем во старата градска болница е што таму нема ни пункт за тестирање на сомнителни на КОВИД-19.
И директорот на „8 Септември“ Христијан Костов очекува болните од КОВИД-19 постепено да бидат префрлени на Инфективната клиника за да може болница да се врати во нормална функција.
„Работиме интензивно да ја вратиме 8 Септември во нормала, да си функционира како општа болница која се покажа дека за многу пациенти, не само од главниот град, туку од цела држава е прв избор за лекување“.
Иако министерот Филипче изјави дека во „8 Септември“ се примаат и редовни пациенти, а не само заразени со КОВИД-19 и дека „има операциони сали и болнички кревети за таа намена и ниту во еден момент не е компромитиран оној друг дел на работниот процес“, директорот Костов вели дека во моментов се прават само итни интервенции на КОВИД-19 позитивни, како што се скршеници и итни операции на абдомен. „Тоа е ништо во однос на вкупниот потенцијал на болницата, во смисла на специјалистички кадар и во смисла на капацитет за дијагностика и лекување“, вели тој.
„Очекувам многу скоро болните од КОВИД-19 да ги преземе Инфективната клиника, а нашите капацитети да се ослободат за нормално функционирање, бидејќи листите за чекање за хируршки интервенции се веќе и онака многу долги. Така ќе ги ослободиме одделите за интензивна нега во кои сега се лекуваат критичните од КОВИД-19 и ќе ја вратиме во функција редовната хируршка програма“, вели Костов.
М. ИЛИОСКИ