ЧЕТИРИТЕ ДОГОВОРИ ЗА „ШПАНСКИ СКАЛИ“ НЕ СЕ РАСКИНАТИ НИ ДЕНЕСКА, ЗОШТО НЕ СЕ ОБВИНЕТИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГДАНОВИЌ И ДВАЈЦАТА МИНИСТРИ ПОСЛЕ МЕНЕ, ПРАША ЈАНАКИЕСКИ

    ЧЕТИРИТЕ ДОГОВОРИ ЗА „ШПАНСКИ СКАЛИ“ НЕ СЕ РАСКИНАТИ НИ ДЕНЕСКА, ЗОШТО НЕ СЕ ОБВИНЕТИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГДАНОВИЌ И ДВАЈЦАТА МИНИСТРИ ПОСЛЕ МЕНЕ, ПРАША ЈАНАКИЕСКИЈанакиески се брани и со СЈО, за кое рече дека не нашло криминал во предистрагата за „Шпански скали“ и го упати овој случај во граѓанска парница. (Фото: СДК.МК)

    Ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески на почетокот на воведниот збор на судењето за случајот „Шпански скали“ кажа дека тој е таргетиран за овој случај, кој е за граѓанска постапка.

    „Состојбата на договорите за кои сум обвинет дека не сум ги раскинал е иста до денеска. А обвинет сум само јас. Двајца министри после мене не се обвинети, не е обвинет ни градоначалникот на Општина Центар, иако обвинението се однесува и на периодот по моето заминување од функцијата во 2015 година. За овој случај сум една година во притвор. СЈО постапуваше по овој предмет, не најде основ за поведување на истрага“, зборуваше прв од обвинетите ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

    Натаму праша: „Како сум можел да следам реализација на стотици и стотици договори? Си има Министерството за транспорт и врски систематизација и внатрешна организација, државен секретар и служби“.

    Според Јанакиески, 4-те договори за купопродажба на парцелите на Плоштадот Македонија за изградба на барокна зграда и скали, налик на Шпанските скали во Рим кои се најдолгите скали во Европа, не е возможно да се раскинат.

    „До денеска, договорите не се раскинати. Нека повелат еве нека ги раскинат денеска ако може“, кажа Јанакиески, кој на судијата Владимир Туфегџиќ во Основниот суд Скопје 1 му се пожали дека во случајот „Сончев град“ е обвинет дека ги раскинал купопродажните договори, а во „Шпански скали“ дека не ги раскинал договорите.

    Во случајот „Шпански скали“, покрај ексминистерот за транспорт и врски во времето на Никола Груевски, Миле Јанакиески, обвинети се Димитар Димовски, Билјана Дејановска- Димитровска, Виолета Самарџиска, Анета Јорданова, Дејан Митевски, Емилија Радојкова, Снежана Крстевска, Ристо Папазов, Лидија Смиљановска, Марјан Јованов.

    Јанакиески, Димовски, Дејановска-Димитровска, Самарџиска и Јорданова, сите од Министерството за транспорт и врски, се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувањата. Исто и нотарите Ристо Папазов и Лидија Смиљановска, но и Марјан Јованов кој е нејзин соизвршител.

    За злоупотреба на службената положба и овластувањата е обвинета и Емилија Радојкова, Државен правобранител на Скопје. Обвинетата Снежана Крстевска се товари за несовесно вршење во службата.

    Со незаконската продажба на парцелите пред зградата на ЕВН на плоштадот во Скопје, обвинетите државата ја оштетиле за 2,6 милиони евра.

    Судењето продолжува на први јуни.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира