Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев првин, како и сите колеги министри, понудил кратење на буџетот на полицијата за 1,4 милиони евра кога се правел ребалансот на Буџетот, а откако бројките биле стокмени и пресметките затворени, преку Фејсбук побара за секој полицаец по 15.000 денари.
Министерката за финансии Нина Ангеловска на прес-конференција кажа дека министерот Чулев бил кооперативен при правење на ребалансот и доставил предлог за кратење од 88 милиони денари во МВР.
„Тој предлог беше ефектуиран. Морам да кажам дека овојпат при правењето на овој ребаланс, поставивме концепт Министерството за финансии за ништо на своја рака да не крати средства. Предлогот што сега го спомнувате, а кој јас го прочитав од медиумите, не кореспондира со барањето на министерот при кроењето на ребалансот“, одговори Ангеловска на новинарско прашање за 15-те илјади денари награда за полицајците што на Фејсбук ги најави Чулев.
На повторно прашање дали ќе има награда за полицијата од по 15.000 денари за справување со коронавирусот, Ангеловска кажа дека во моментов државата нема такви можности, а секој министер, вклучително и таа, би сакал да предложи награда за своите луѓе. Кажа дека тоа треба да се случи кога ќе се избориме со пандемијата.
„Лекарите беа во првите борбени линии и Владата одлучи со ребалансот да ги награди. Тука секако се и полицијата, војската, пожарникарите, комуналците кои ги дезинфицираа улиците, инспекторатите… сите оние кои работеа и по 16-17 часови на ден, и саботи и недели, за да го зачуваат здравјето на граѓаните. Сите луѓе кои работеа деноноќно, вклучително и тие од Министерството за финансии кои работеа на мерките, на ребалансот и буквално не одеа дома, треба да бидат наградени“, рече таа, но додаде дека министрите имаат уште поголема одговорност и треба да бидат реални, разумни и уште порационални во тој процес.
На прес-конференцијата на министерката Ангеловска веднаш реагираше министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
„Во врска со денешната изјава на Министерката Ангеловска дека предлогот за кратење е доставен од моја страна, напоменувам дека до сега од буџетот на Министерството за внатрешни се скратени околу 5 милиони евра и кратењето е направено на барање на Министерството за финансии, а за потребите на ребалансот на буџетот. Ова кратење го направивме во најголем дел од ставката ‘капитални расходи’ и ‘стоки и услуги’ за истото да има најмал негативен ефект врз вработените во Министерството за внатрешни работи. Свесен сум дека пандемијата поврзана со КОВИД-19 сериозно ги намали приходите во буџетот, но исто така убеден сум дека оваа награда е повеќе од заслужена и истата ќе влијае мотивирачки врз понатамошниот ангажман на полициските службеници поврзан со коронавирусот“, напиша Чулев на Фејсбук.
С. К. ДЕЛЕВСКА