Најмалку двајца патници ја преживеале вчерашната несреќа на пакистанскиот авион „ербас А320“, кој падна во населено место непосредно пред да слета на аеродромот во Карачи.
Досега е потврдено дека загинале 97 луѓе, но не е познато дали меѓу нив има жители на населбата. Во авионот имало 99 патници и членови на екипажот, а не 107, како што првично објавија властите.
Мухамад Зубаир претрпил само лесни повреди во несреќата, која се случи откако пилотот пријавил технички проблем во моментите кога веќе требало да слета. Зубаир изјави дека авионот имал еден неуспешен обид за слетување 10-15 минути пред да се урне.
„Никој во авионот не бил свесен дека авионот ќе се урне, тој имаше мирен лет. По несреќата ја изгубив свеста, а кога се разбудив, слушав вресоци на сите страни и сѐ беше во пламен. Морав да скокнам од три метри височина за да се спасам“, кажа Зубаир.
Авионот при падот удрил во неколку куќи во густо населената населба која се наоѓа во близина на аеродромот. И Зубаир и вториот преживеан патник седеле во предниот дел на авионот.