КАРИПСКИТЕ ФЛАМИНГА ОД СЛЕДНАТА НЕДЕЛА ВО НОВОТО ЖИВЕАЛИШТЕ ВО СКОПСКАТА ЗООЛОШКА ГРАДИНА

    КАРИПСКИТЕ ФЛАМИНГА ОД СЛЕДНАТА НЕДЕЛА ВО НОВОТО ЖИВЕАЛИШТЕ ВО СКОПСКАТА ЗООЛОШКА ГРАДИНАЖивеалиштето за 15 фламинга има отворен и затворен дел и е изградено според сите светски стандарди. (Фото: Зоолошка градина)

    Живеалиштето на фламингата е готово и за неколку дена во него ќе бидат пуштени новите жители на скопската Зоолошка градина. Живеалиштето има отворен и затворен дел и е изградено според сите светски стандарди.

    „Денеска ја отвораме градината за посетители, а во зависност од временските услови, кон крајот на оваа или почетокот на наредната недела ќе биде отворено и живеалиштето на фламингата. Од пред месец и пол во Зоолошката градина стигнаа 15 фламинга, кои се помали од една година. Во моментов се наоѓаат во карантин за да се привикнат на новата средина“, вели директорот на Зоолошката градина Ѓорѓи Галетановски.

    Фламингата се од видот американски фламинга или карипски, што значи ќе ја имаат онаа розова боја по која се препознатливи.

    „Сега, бидејќи се млади сѐ уште имаат бело сивкаста боја, а со специјалната исхрана со посебен вид ракчиња, кои ги набавуваме од Германија, со текот на времето ќе ја менуваат бојата во розева“, вели Галетановски.

    Во градината во моментов се гради живеалиштето за пингвините, кои штом се отворат границите ќе стигнат од Лондон. Градината ќе добие и алпаки, а летово треба да биде отворен и Дино паркот.

    После пауза од два месеца поради пандемијата на КОВИД-19 и мерките на Владата за спречување понатамошно ширење на вирусот, од денеска Зоолошката повторно е отворена за посетители, но треба да се почитуваат одредени протоколи. Посетителите задолжително треба да носат маска иако станува збор за отворен простор, при движење низ градината посетителите треба да одржуваат дистанца, строго е забрането хранење и доближување до животните, не смее да се употребуваат летниковците и детските игралишта.

    Работното време е од 9 до 18 часот, а бројот на посетители ќе биде ограничен, за да не се создава поголема гужва низ градината.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира