ДВЕТЕ МИНИМАЛНИ ПЛАТИ ЗА ФИЛМАЏИИТЕ ЌЕ ДОЈДАТ ОД ФОНДОТ ЗА КОВИД-19, НЕ СЕ ПРЕНАМЕНА ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА

    ДВЕТЕ МИНИМАЛНИ ПЛАТИ ЗА ФИЛМАЏИИТЕ ЌЕ ДОЈДАТ ОД ФОНДОТ ЗА КОВИД-19, НЕ СЕ ПРЕНАМЕНА ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРАКорисник на финансиска поддршка може да биде филмски работник-барател, државјанин на Македонија, кој во последните пет години работел на минимум три филма поддржани од Агенцијата, реализација на филмови поддржани од Агенцијата во чие производство барателот требало да учествува, а е откажано или одложено поради здравствено економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД 19, а е потврдено од Агенцијата. (Фото: СДК.МК)

    Парите кои како помош во вонредна состојба ќе ги добијат независните филмаџии  ќе дојдат од Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот КОВИД- 19, а не со пренамена на средства од Агенцијата за филм, велат од Министерството за култура за САКАМДАКАЖАМ.МК. Владата на седницата на 26 мај донесе Уредба со законска сила за финансиска поддршка на филмските работници за време на вонредна состојба, за месеците април и мај во месечен нето износ од 14.500 денари. Постапката ќе се спроведува преку Агенцијата за филм. Пред неколку дена, Друштвото на филмски работници (ДФРМ) соопшти дека Уредбата значи „Одобрување за пренамена на средства од Агенција за филм со цел доделување на еднократна помош на независниот филмски работник“.

    Од Министерството велат дека корисник на финансиска поддршка може да биде филмски работник-барател, државјанин на Северна Македонија, кој во последните пет години работел на минимум три филма поддржани од Агенцијата, реализација на филмови поддржани од Агенцијата во чие производство барателот требало да учествува, а е откажано или одложено поради здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД 19, а е потврдено од Агенцијата.

    Агенцијата за филм вчера го објави јавниот повик за доставување барање за користење на финансиска поддршка на филмските работници. Барателот, во рок од 15 дена од денот на објавувањето на јавниот повик, до Агенцијата, треба да достави барање и изјава за исполнетост на условите, прилози кои се достапни на веб-страницата на Агенцијата. Но во условите никаде не се бара доказ дека барателот бил ангажиран за работа на филм кој се откажал поради коронакризата, а од Министерството не одговорија дали ќе биде неопходна потврда за тоа од продуцентот на проектот за кој бил ангажиран филмскиот работник.

    Според Агенцијата за филм, „Во овој период своето снимање го одложија неколку филмски проекти, мнозински и малцински копродукции и тоа: ‘Преекспонирано’ во режија на Елеонора Венинова; ‘Осветлен’ во режија на Срѓан Јаначиевиќ; ‘Денот на жената’ во режија на Саша Станишиќ; ‘Сите го викаат Реџо’ во режија на Ибрахим Деари; ‘Таа носеше црлена шамија’ во режија Горан Дукиќ; ‘Празник на трудот’ во режија на Пјер Жалица; ‘Изгубената тајна’ во режија на Александар Кардалевска и ‘Gym’ во режија на Срѓан Вулетиќ“.

    „Во овој контекст би напоменале дека поради состојбата исто така е ревидиран и годишниот буџет на Агенцијата за филм, што ќе придонесе за дополнително планирање на реализацијата на проектите, бидејќи најголемиот процент од доделените средства за проектите се исплаќаат непосредно пред снимањето на филмовите, велат од Агенцијата.

    За тоа кој ќе потврдува дека филмскиот работник што аплицира за помош бил ангажиран на проект кој е одложен поради КОВИД-19 пандемија, од Министерството ни рекоа дека во рок од пет дена од денот на влегувањето во сила на уредбата со законска сила треба да биде формирана петчлена Комисија, три члена од редот на вработените во Агенцијата и двајца на предлог на ДФРМ, која ќе одлучува за користење на финансиската поддршка, а по извршениот увид и проверка во поднесената документација.

    „Комисијата по извршената проверка до Агенцијата треба да достави листа со податоци за барателите на финансиската поддршка кои имаат доставено комплетна документација, која потоа треба ќе биде доставена за проверка и до Агенцијата за вработување, односно до Фондот на пензиското и инвалидското осигурување“, вели Министерството и додаваат дека оваа уредба како и Уредбата за финансиска поддршка на уметници и други физички лица кои вршат дејности и други активности во областа на културата за време на вонредна состојба, а погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19, со  законска сила веќе се потпишани од министерот за култура Хусни Исмаили.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира