16-ГОДИШНИОТ ОРХАН БАГАШОВ И ТИМОТ СО ПРОЕКТОТ БИОНИЧКА РАКА КОНКУРИРААТ ЗА 20.000 ДОЛАРИ НА СВЕТСКИ НАТПРЕВАР

    16-ГОДИШНИОТ ОРХАН БАГАШОВ И ТИМОТ СО ПРОЕКТОТ БИОНИЧКА РАКА КОНКУРИРААТ ЗА 20.000 ДОЛАРИ НА СВЕТСКИ НАТПРЕВАРОваа бионичка рака може да изврши пет различни функции и има само седум 3-Д отпечатени делови, вели Орхан Багашов. (Фото: СДК.МК)

    Орхан Багашов од Тетово со тимот „Бионик“ продолжуваат со успесите со нивниот проект бионичка рака. Во конкуренција на петте најдобри тима на млади иноватори кои креираат дигитални решенија за поактивно вклучување на децата и младите во образованието и во секојдневниот живот, тие, заедно со уште еден тим, се избрани да ја претставуваат земјата на глобалниот младински предизвик наречен „Генерација без граници“, каде што најуспешните проекти имаат шанса да добијат до 20.000 евра. Целта на овој глобален младински предизвик е да се инспирираат младите кои имаат интересни идеи, но немаат средства да ги реализираат.

    „Бионичката рака, всушност, е електронска протеза која ќе им користи на лицата кои го изгубиле горниот екстремитет. Вакви протези не се новост, но се многу скапи, цената им се движи и до 6-7.000 долари. Нашата протеза чини до 250 долари и ја има истата функција како скапите протези, што ќе ја направи подостапна. Но, не е само ниската цена во прашање. Оваа наша рака може секој дома да си ја направи ако има 3-Д печатар. Од нашиот сајт www.ebionics.org бесплатно можат да се симнат шемите за деловите, додека некои електрични делови треба да се набават преку интернет. Со помош на инструкциите кои се дадени на сајтот, секој може сосема едноставно да ја склопи бионичката рака според сопствените мерки и за тоа ќе му треба околу еден час“, вели 16-годишниот Орхан Багашов.

    Дека вака направената бионичка рака е функционална, докажале и на дело. Направиле тестирање со лице надвор од тимот, кое без никакво искуство и без поголеми проблеми за педесетина минути успеало да ја склопи раката. Исто така испробале како функционира на една жена која во несреќен случај ја загубила подлактицата и сѐ поминало како треба.

    Освен Орхан, дел од „Бионик“ се и програмерот Тео Китановски, Борис Ночески и Анамарија Илиева (Фото: СДК.МК)

    „Оваа бионичка рака функционира така што преку сензори, кои се поврзани со мускулите на постоечкиот дел од раката и преку контракцијата на мускулите, се прават движења на шаката. Така можат да се извршат пет различни функции: да ја собере и испружи шаката, да земе покрупни предмети или поситни со само два прста, да го движи показалецот за покажување или за пишување. Во однос на првата верзија што ја направиме, оваа рака има само седум 3-Д отпечатени делови, наместо над 30, колку што имаат ваквите бионички раце кои сега можат да се најдат на пазарот. Исто така, направивме и универзална протеза за раката, па секој може да си ја ‘излие‘ протезата според обликот на делот од раката. Откако го освоивме првото место на републичкиот натпревар, нашиот тим има рок до јули да направи видеоматеријал, да ја подготви презентацијата и да ја испрати целата документација за учество на светскиот натпревар. Финалето е во септември и на него ќе учествуваат 80 учесници од 40 држави, односно секоја држава со по два тима. Предвидено е да се наградат најуспешните 8 до 10 тимови и во зависност од фазата во која се наоѓа продуктот, можат да се добијат од 10.000 до 20.000 долари. Овие пари не се награда, туку се наменети за натамошно развивање на продуктот“, додава Багашов.

    Во тимот на „Бионик“, освен Орхан, се и програмерот Тео Китановски, Борис Ночески, кој ја работаше веб страницата и Анамарија Илиева, задолжена за документацијата и презентацијата.

    Вториот тим кој ќе ја претставува нашата земја е „Mind Benders”. Тој ја изработи мобилната апликација „Дигитално мени”, која содржи библиотека на дигитализирани ресторани прилагодени да бидат пристапни за лицата со оштетен вид или слух, дислексија и за лицата со аутизам.

    Овие два тима добија по 2.000 долари од фондацијата „Телеком за Македонија“ за доусовршување на своите проекти. Националниот младински предизвик е дел од партнерството на УНИЦЕФ и „Телеком за Македонија“, а го спроведува лабораторијата за социјални иновации „Смарт ап“, со локална поддршка од Сојузот на извидници.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира