НА СТОКХОЛМСКА ВО СКОПЈЕ И ВО ДЕТСКАТА БОЛНИЦА КОЗЛЕ АМБАСАДАТА НА ШВЕДСКА ГО ОДБЕЛЕЖА НАЦИОНАЛНИОТ ДЕН КАКО ПОТСЕТНИК НА СОЛИДАРНОСТА ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ

    НА СТОКХОЛМСКА ВО СКОПЈЕ И ВО ДЕТСКАТА БОЛНИЦА КОЗЛЕ АМБАСАДАТА НА ШВЕДСКА ГО ОДБЕЛЕЖА НАЦИОНАЛНИОТ ДЕН КАКО ПОТСЕТНИК НА СОЛИДАРНОСТА ПО ЗЕМЈОТРЕСОТАмбасадорката Форсгерн Бенгтсон ја посети улицата Стокхолмска во населбата Тафталиџе, која го носи името на главниот град на Шведска во знак на благодароност за помошта после земјотресот. (Фото: Амбасада на Шведска)

    Со посета на детската болница „Козле“ и на улицата Стокхолмска во скопската населба Тафталиџе шведската амбасада во земјава годинава го прослави националниот ден на Шведска. Болницата за респираторни болести кај децата е изградена после земјотресот токму со помош на шведската влада, а улицата Стокхолмската го носи името на главниот град во знак на благодарноста за помошта која меѓу првите стигна во Скопје по катастрофалниот земјотрес на 26 јули 1963 година. Со посетата на овие две локации швадската амбасада потсети на пријателските врски меѓу двете земји кои траат повеќе од 50 години.

    Амбасадорката Кристин Форсгрен Бенгтсон заедно со неколку колеги од амбасадата, почитувајќи ги сите мерки за лична заштита и безбедна дистанца, за децата кои се лекуваат во болницата подари 60-тина шведски книги за деца, тинејџери и возрасни, преведени на јазиците што се зборуваат во земјава, како и традиционални шведски колачи.

    „Пријателството помеѓу нашите две земји влече корени уште од 1963 година, по катастрофалниот земјотрес, кога многу земји од светот, меѓу кои и Шведска, во духот на солидарноста испратија помош. Мојата земја веќе во првите денови по земјотресот испрати медицински тимови и инженери чија задача беше да пружат непосредна помош, но и да помогнат да се изградат домови и болници, меѓу кои и оваа болница за деца со респираторни проблеми. Сега на нејзино место стои модерен објект, но за мене е особена чест и задоволство да можам да стојам денес токму на местото каде започнува длабокото пријателство меѓу Северна Македонија и Шведска“, рече амбасадорката Форсгерн Бенгтсон.

    После земјотресот во Скопје, Шведска меѓу првите земји испрати медицински тимови и инженери за помош на настраданите, но и да помогнат да се изградат домови и болници, меѓу кои беше изградена и Детската болница Козле. (Фото: Шведска амбасада)

    Од болницата во Козле амбасадорката ја посети улицата Стокхолмска во населбата Тафталиџе, која го носи името на главниот град на Шведска во знак на благодароност на Скопје за помошта после земјотресот. Од таму амбасадорката заедно со фигура на Дала коњот, еден од препознатливите симболи на Шведска, и особено на регионот Даларна, од каде и потекнува амбасадорката, најави дека ова лето поради пандемијата на КОВИД-19 ќе патува низ Македонија.

    „Ова лето нема да биде вообичаено лето. Границите засега се затворени и патувањата во странство ќе бидат предизвик. Многумина ќе се одлучат да останат во земјава и тука да го минат летото. Благословени сте со неверојатна природна убавина. И ние сакаме да ја откриеме таа убавина и да ја споделиме со сите оние кои не следат на социјалните мрежи. Токму затоа одлучивме симболично Дала коњот да го испратиме на патешествие низ земјата“, изјави амбасадорката Форсгрен Бенгтсон.

    Националниот ден на Шведска се одбележа и со интонирање на шведската и македонската химна во шведската резиденција, каде оваа година единствен гостин  на свечениот ручек со дистанца од 2 метри, беше министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

    Шведска е една од земјите кои меѓу првите испрати помош за настраданите од земјотресот. Веќе во првите денови непосредно по земјотресот пристигуа медицинска помош и шатори за преживеаните. Покрај болницата во Козле, Шведска помагна да се изградат бараки за домување во населбата Ѓорче Петров, како и дом за стари лица и детската болница.

    Од амбасадата велат дека Шведска и понатаму ја поддржува Република Северна Македонија како најголем билатерален донор од земјите членки на ЕУ во 2020 година со развојна помош во вредност од околу 6 милиони евра имплементирани преку шведската развојна агенција – Сида.  Со развојната поддршка, на среден и долг рок, во соработка со локалните партнери, Шведска развива и спроведува проекти со кои се поддржуваат потребните реформи за интеграцијата во ЕУ преку зајакнување на демократските институции, унапредување на родовата еднаквост и заштитата на животната средина – области кои се од големо значење за Шведска и нејзината надворешна политика.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира