Неколку десетици граѓани побарале помош во Клиничкиот центар и Градската општа болница „8 септември“ по силниот земјотрес што го погоди Скопје попладнево. Според информациите на САКАМДАКАЖАМ.МК, во Ургентниот центар се примени 9-10 пациенти со полесни повреди, како расекотини, помали скршеници и набиеници, здобиени при бегање од земјотресот. Пациентите се третираат и веднаш се пуштаат на домашно лекување, бидејќи повредите не се од посериозна природа.
Брзата помош имала една интервензија за телесна повреда, додека останатите биле за висок крвен притисок, стрес и покачен шеќер. 19-мина се примени и во Градската општа болница „8 септември“, од кои тројца со скршеници, додека останатите се со контузии, расекотини и набиеници.
Во 15.10 часот, Скопје го погоди земјотрес со јачина од 5,2 степени со епицентар на шест километри источно од центарот на градот на длабочина од четири километри. Претходно, околу 7 часот утринава, скопјани ги разбуди земјотрес со јачина од 3,9 степени.