Демократски пратеници клекнаа во холот на Конгресот и тивко му оддадоа почит на убиениот Џорџ Флојд пред да објават пакет реформи на полицијата, со кои сакаат да стават крај на полициската бруталност во САД.
Ова се случи во пресрет на погребот на Флојд во Минеаполис, две недели откако тој беше убиен од полицијата при приведувањето, по што САД се соочија со некои од најголемите и најтензични протести против расизмот досега, кои во првата недела беа засенети од грабежи и палежи.
Спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси и лидерот на демократското малцинство во Сенатот Чак Шумер клекнаа заедно со уште 20-ина пратеници и во таа позиција останаа точно осум минути и 46 секунди, колку што полицаецот Дерек Човин со колено го притискал вратот на Флојд, нанесувајќи му смртоносни повреди. Тој денеска првпат треба да се појави во суд, каде што ќе одговара за убиство, а уште тројца негови бивши колеги се обвинети за помагање и поттикнување на убиство.
„Нашиот закон има за цел значајна, структурна реформа, која треба да го штити правото на секој Американец на безбедност и еднаква правда. Законот има за цел да стави крај на полициската бруталност и да ја направи полицијата одговорна“, изјави Пелоси.