За една недела откако Град Скопје го објави огласот се потрошија субвенциите за електрични тротинети, а за велосипеди останаа пари за уште 50 граѓани. Од понеделникот до денес се поднесени 2.774 барања за субвенции за купен велосипед и 214 барања за субвенции за купен тротинет.
Новитет оваа година е што граѓаните можат да доставуваат фискални сметки за купен велосипед или електричен тротинет од први јануари годинава. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход, и 30 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
Поради епидемијата на КОВИД-19 и мерките и препораките на епидемиолозите за негрупирање и држање дистанца, за три пати е зголемена продажбата на велосипеди сезонава за разлика од минатите години. Како што велат од продавниците за велосипеди дел од граѓаните кои досега со јавен превоз оделе на работа, сега користат велосипед како превозно средство, а голем е бројот на оние кои купуваат за да се рекреираат после карантинот и мерките за негрупираење.
А. АНТЕВСКА