ЗА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА САРАЈ БЛЕРИМ БЕЏЕТИ НЕ Е ВИНОВЕН ЗА ДИВИТЕ ПЛАТФОРМИ НА МАТКА, НО ПОВЕДЕ ПРЕДИСТРАГА ЗА СОПСТВЕНИЦИТЕ

    ЗА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА САРАЈ БЛЕРИМ БЕЏЕТИ НЕ Е ВИНОВЕН ЗА ДИВИТЕ ПЛАТФОРМИ НА МАТКА, НО ПОВЕДЕ ПРЕДИСТРАГА ЗА СОПСТВЕНИЦИТЕОбвинителството по ниеден основ од шесте за кои го пријавила Антикорупциската комисија, градоначалникот на Сарај не е виновен за злоупотреба на службената положба и овластувања и за несовесно работење (Фото: СДК.МК)

    Јавното обвинителство Скопје ја отфрли кривичната пријава поднесена од Антикорупциска корупцијата против градоначалникот на општина Сарај Блерим Беџети, кого го пријави за Злоупотреба на службената положба и за Несовесно работење во службата за дивите платформи на Матка.

    Но, ова обвинителство вели дека е отворена предистрага против градителите на бесправно изградени објекти на подрачјето на кањонот Матка, во посебен предмет.

    Иницијативата за кривично гонење ДКСК ја поднесе поради сомненија дека пријавениот свесно и намерно не презел дејствија и не донел конкретни управни акти во постапките за утврдување на правниот статус на бесправно изградени објекти, со што на физички и правни лица им овозможил бесправно да изградат деловни објекти од локално значење и времени објекти – платформи на езерото Матка, да стопанисуваат со нив и да остваруваат незаконски профит.

    Постапувајќи по поднесената пријава, надлежниот јавен обвинител поднесе барање за собирање потребни известувања до Државниот управен инспекторат и до градоначалникот на општина Сарај, до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и до општина Сопиште.

    Од добиените известувања, обвинителот утврдил дека градоначалникот на општина Сарај во првите четири предмети, по спроведена постапка, донесени се решенија со кои се одбиваат барањата за легализација на дивоградбите на Матка, по кои решенија подносителите на барањата доставиле жалби до Министерството за транспорт и врски. И покрај вложената жалба, општина Сарај на 16.09.2019 година распишала јавна набавка за уривање на овие објекти, но на јавниот повик не се пријавил ниту еден економски оператор. Од овие причини општина Сарај се обратила писмено до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам заради помош за отстранување на платформите. Инспекторатот ја известил Општината дека се работи за објекти од локално значење за кои е надлежна општината и воедно ги предупредил дека кон уривање на објектите може да се пристапи само по конечноста и правосилноста на донесените решенија.

    Во однос на петтиот предмет, решението за легализација било донесено од претходниот градоначалник на општина Сарај во 2017 година, но Управниот суд го прогласил за ништовно, откако иницијатива поднела МПЦ – Охридска Архиепископија решението е огласено за ништовно со пресуда на Управниот суд.

    Во врска со шестиот предмет за кои Антикорупциска поднесе кривична пријава против Беџети, произлегува дека од општина Сарај е составен записник за констатација, но за овие платформи одлучувала општина Сопиште. Донесеното решение за легализација во овој предмет од страна на Одделението за урбанизам на општина Сопиште подоцна било поништено од градоначалникот на општина Сопиште, а по жалба во предметот одлучувало Министерството за транспорт и врски.

    Општина Сарај во врска со изградените платформи се обратила и до Град Скопје и до Министерството за животна средина за да провери дали од нивна страна биле издадени одобренија на лицата подносители на барањата за легализација да вршат превоз со чамци од манастирот Св. Андреја до пештерата Врело. Имено, контролата на превозот со чамци е во надлежност на Министерството за животна средина, кое презема мерки согласно Законот за води, доколку се констатираат прекршоци од конкретни сторители.

    Државниот инспекторат за животна средина исто така вршел инспекциски надзор, по што до општина Сарај доставил известување со насоки за натамошно постапување во однос на барањата за легализација, во кое се наведува дека против општината нема да биде покрената инспекциска постапка, бидејќи не се утврдени недостатоци во нивното работење согласно Законот за води.

    „Во случајот, градоначалникот во рамките на своите надлежности, спровел процедури согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти и донел негативни решенија по барањата за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти на подрачјето на кањонот Матка. Постапката, согласно закон, продолжува во Министерството за транспорт и врски, а потоа и пред Управен суд. Со своето постапување пријавениот не прибавил противправна имотна корист за себе или за друг, ниту причинил штета за кој било субјект“, наведува обвинителството.

    Проучувајќи ги сите овие наводи, надлежниот јавен обвинител утврди дека во дејствијата на пријавениот не се содржани суштествените елементи на кривичните дела – Злоупотреба на службената положба и овластување и Несовесно работење во службата, ниту пак на друго кривично дело кое се гони по службена должност.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира