Пред Втората светска војна, на плоштадот во центарот на Охрид постоел хотелот „Радич“ во сопственост на охридското семејство Радич. Тоа бил еден од неколкуте помали хотели на охридскиот брег, а бил познат по тоа што секое лето во него доаѓале музичари од Виена.
„Како што кажуваше сега покојниот Александар-Леко Радич роден 1930, хотелот беше граден со еден стар стил на архитектура што одговараше на местото каде шо беше поставен. Пред хотелот беше автобуската станица на браќата Поповиќ, и нивните автобуси застануваа баш пред нашиот хотел. Тука доаѓаа портирите од хотелите ‘Турист’ и ‘Белви’ и на гостите им нудеа сместување. Хотелот ‘Радич’ не беше голем, имаше 12-13 соби, негде 24 легла, брзо се полнеше и во летниот период немаше никаков проблем“, кажува Илија Стојаноски, новинар во пензија и хроничар на Охрид, автор на култната книга за Охрид „Кажиме да не се заборајт“.
Стојаноски открива дека хотелот на Радич во тоа време бил култно место, а таков останал уште неколку години по Втората светска војна.
„Во хотелот имаше музика, секое лето доаѓаше од Виена, и таа музика беше она што се споменува во песната ‘Охрид, Охрид убав мил… со кајчето од Вистера’. Тоа е легендарна охридска песна која го опишува напуштањето на Охрид со кајче на неколкумина тогаш млади охриѓани. Станува збор за Вистер, неговата ќерка и братот негов, и тие беа една музика и секое лето свиреа. Тука имаше игранка секоја вечер и тоа беше прекрасно место за граѓаните на Охрид. Дури ни доаѓаше понекогаш и покојниот Петре Прличко, тогаш се викаше Перица Алексиќ, а даваше свои приредби, претстави, скечови”, ги пренесува Илија Стојаноски сеќавањата на Леко Радич, чије семејство било сопственик на хотелот.
На тоа место сега се наоѓа кафуле на отворено кое меѓу охриѓани е познато под името „Под муренката“. Името го доби по една голема муренка која го покрива отворениот дел на кафулето. И сега ова место е омилено собиралиште на охриѓани кои го испиваат утринското кафе, или на лето ги минуваат долгите летни ноќи.
Д. ЧУБРИЌ