Кинотеката утре, во знак на сеќавање на режисерот Кирил Ценевски ќе додели 100 бесплатни ДВД изданија со неговите играни филмови. Утре се одбележува една година од смртта на Ценевски (1943-2019), а примероците ќе се доделуваат во периодот од 9 до 15 часот во Кинотеката. Станува збор за ДВД изданието со 4 дигитално реставрирани играни филмови кое што Кинотеката го промовираше пролетта минатата година, неколку месеци пред смртта на легендарниот автор во македонската кинематографија.
Изданието ги содржи филмовите „Црно семе“ (1971), „Јад“ (1975), „Оловна бригада“ (1980) и „Јазол“ (1985), а посебни додатоци има со избор на сцени, биофилмографија, автори и соработници, фотогалерија, содржина, резиме и извадоци од печат.
Ценевски, кој со години не се појавуваше во јавност и три децении не работел филм, е роден е во Крива Паланка, на 28 јануари 1943. Студирал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје. Со киноаматеризам се занимавал уште од студентските денови. Првпат на игран филм професионално е ангажиран како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот„Цената на градот“ во 1970. Во 1971 Ценевски го режира филмот „Црно семе“ за којшто добива повеќе награди меѓу кои и Златна арена за режија на фестивалот во Пула, Златен венец за најуспешен деби, 11 Октомври, и е југословенски кандидат за Оскар таа година.
Ценевски е добитник на наградата Златен објектив за 2013 која Кинотеката ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија. Истата година беше првиот добитник и на наградата Големата ѕвезда на македонскиот филм, награда што ја воспостави Друштвото на филмските работници и ја доделува на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.
„Со своите филмови Кирил Ценевски е бунтовник. Бунтовност насочена не кон човекот, ни кон луѓето, туку кон системите. Кон прагмите, кон конвенциите. Неговите филмови се отпор кон рамките на уметноста и животот“, рече филмскиот критичар Влатко Галевски на промоцијата на ДВД изданието.
Б. НЕСТОРОСКА