МАЗУТ ОД ВЕЛЕШКАТА МАСЛОДАЈНА ИСТЕЧЕ ВО ВАРДАР, ПЕТТИ ЕКО ИНЦИДЕНТ ОД ФАБРИКАТА ЗА ГОДИНА И ПОЛ

    МАЗУТ ОД ВЕЛЕШКАТА МАСЛОДАЈНА ИСТЕЧЕ ВО ВАРДАР, ПЕТТИ ЕКО ИНЦИДЕНТ ОД ФАБРИКАТА ЗА ГОДИНА И ПОЛГрадоначалникот Аце Коцевски рече не може да се соопшти колку мазут од „Благој Ѓорев“ истекол на улица и преку одводните канали во Вардар и за настанот ќе испрати информација до Велешкото обвинителство, за тоа да постапи натаму; - Темни дамки пловеа по Вардар, а Велес смрдеше на нафта. (Фото: СДК.МК)

    Реката Вардар низ Велес денес смрдеше на нафта, а по неа пловеа големи темни дамки. Уште од рано утрото, први алармираа рекративците кои трчаат низ Градскиот парк. Објаснуваа дека досега немало ваква миризба и толку нечистотија по реката. За еко-инцидентот се јавија и од велешка маслодајна фабрика „Благој Ѓорев“ и од локалната власт. Но нивните реакции се со спротивставени ставови, околу количеството мазут кое истече и дали тој завршил во реката.

    „Не се минеше низ паркот, толку мирисаше на нафта, како да истекла цела цистерна. По површината пловеа темни дамки. Не забележав дека има угинато риба, но по брегот имаше црни наслаги, вели рекреативка која во 7 часот била да спортува.

    Од „Благој Ѓорев“ велат дека вчера во 10.40 часот од надлежната служба за обезбедување фабриката билее известени дека истекува мазут надвор од дворното место.

    „Веднаш беа известени одговорните лица со цел спречување од понатамошно излевање. Во текот на целиот настан беше присутна полициска служба која што го регулираше сообраќајот. Официјално, преку телефонски повик беа известени и надлежните служби на Општина Велес во 11 часот. Количината мазут која што излегла на улица е не повеќе од 300 кг, согласно визуелните проценки. Веднаш настапи екипа која што изврши покривање на мазутот со сончогледово ќоспе, со цел да не настане излевање на мазутот во шахтите на улицата. Количината на мазут и ќоспе е исчистена и префрлена во трактор. Нема излеано количина на мазут директно во одводен канал, согласно претходно објаснетата ситуација. За тоа имаме испратено и соодветни фотографии“, соопштија од Маслодајната.

    Денес на прес-конференција градоначалникот на Велес Аце Коцевски информираше, како што нагласи, „за хаваријата што вчера се случи во Маслодајна“.

    „Последиците од вчерашниот инцидент ги почувствуваме денес. Според информациите кои ги добивме на лице место, се работи за хаварија на резервоарот на мазут, предизвикана од системот на одржување на температурата, по што се излеала количина од околу еден тон мазут. Тој требало да биде евакуиран во резервниот резервоар, но бидејќи тоа било големо количество, по сливниот канал одредена количина од мазутот завршила на улица. Таму има решетка и нашите претпоставки се дека низ таа решетка, која прифаќа атмосферски води, дел од мазутот завршил во реката Вардар. На местото на инцидентот имаше дел од вработените, кои истуриле ќоспе, кое требаше да го впие мазутот, а потоа се товараше во тракторска приколка. Во вечерните часови ЈКП Дервен ја испра улицата, оти мазутот е опасен на коловозот по учесниците на сообраќајот, предизвикува лизгање. Жал ми е што екипите на крим-техника на велешка полиција, одлучиле оти не е предизвикана штета, да не се направи увид и да се документира настанот“, изјави Коцевски.

    Тој додаде дека не може да се соопшти колку мазут истекол на улица и за настанот ќе испрати информација до Велешкото обвинителство, за тоа да постапи натаму. Тој нагласи дека ова е петти еко-инцидент во година и половина од оваа фабрика, која се уште е во постапка за добивање на „Б“ еколошка дозвола.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира