ТРИ ДЕНА ПОСТОИ, ТРИ ДЕНА САМО ЃУБРЕ СОБИРАМ, ВЕЛИ ПЕДИЈАТАРОТ ЃОРЃИ ПАСКАЛОВ ЗА ДЕТСКОТО ИГРАЛИШТЕ ОБНОВЕНО НА НЕГОВА ИНИЦИЈАТИВА

    ТРИ ДЕНА ПОСТОИ, ТРИ ДЕНА САМО ЃУБРЕ СОБИРАМ, ВЕЛИ ПЕДИЈАТАРОТ ЃОРЃИ ПАСКАЛОВ ЗА ДЕТСКОТО ИГРАЛИШТЕ ОБНОВЕНО НА НЕГОВА ИНИЦИЈАТИВАДецата кога доаѓале на преглед си играле на руинираното игралиште, па лекарот презеде обврска и да го одржува - Д-р Ѓорѓи Паскалов со градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев (Фото: Фејсбук)

    Општина Карпош на иницијатива на педијатарот Ѓорѓи Паскалов обнови детско игралиште во населбата Козле, но откако викендов го отворија, тоа секој ден е преполно со ѓубре.

    „Три дена постои, три дена не можеме ѓубрето да го собереме. Остатоци од јадење, лименки, жици, сешто наоѓам. Има канти, а ѓубрето расфрлано наоколу“, вели д-р Паскалов.

    Игралиштето се наоѓа во непосредна близина на неговата ординација. Долго време стоело руинирано, а децата кога доаѓале кај него на преглед, сакале да се играат таму. Затоа Паскалов покренал иницијатива за негова обнова.

    Игралиштето доби нови реквизити, ограда и корпи за отпадоци (Фото: Фејсбук)

    „Општина Карпош веднаш одговори на нашата иницијатива и комплетно го обнови игралиштето. Постави нови реквизити, ограда и канти за отпадоци, но уште првиот ден беше полно со ѓубре. Ставив ракавици и го собрав ѓубрето, наполнив цела една голема кеса. Бришев и чкртаници. Три дена, иста слика. Немам зборови“, вели Паскалов.

    Неговата ординација дури презела обврска да го одржува игралиштето и да покрива трошоци за поправки.

    „Ако нешто се скрши, ние ќе реновираме, нема проблем. Добивме и клуч од вратата на игралиштето и јас лично го отклучувам во осум и го заклучувам во 22 часот. Тоа е мало, скромно игралиште, но има сѐ што треба. Ама, не можам да го разберам тој вандализам“, се чуди Паскалов.

    Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев вели дека детските игралишта во Карпош се многу често мета на вандали, а скоро редовно се жртва на несовесен однос на граѓаните. Игралиштето меѓу кулите во Козле го посочува како едно од најуништуваните.

    „По иницијативата на родителите, но и на доктор Паскалов го реновиравме и заклучивме. Клуч има Општината, но и ординацијата на докторот, кој се нафати наутро да го отклучува, а навечер да го заклучува. Единствен начин да се реши овој проблем е поголемо присуство на терен на полицијата или пак со законски измени општините и Градот да добијат комунална полиција, односно инспекторите и комуналните редари да имаат поголеми овластувања со цел да се спречи уништување на игралиштата, урбаната опрема, како и фрлање на ѓубре, кабаст отпад и шут на јавни површини“, вели Богоев.

    Богоев вели дека низ Карпош има и позитивни примери каде со општествена одговорност, парковите и игралиштата се одржуваат здрави.

    „Имаме неколку примери каде граѓани самоиницијативно ги уредуваат местата пред нивните згради, а имаме и примери каде совесни граѓани земаат обврска дневно да ги отклучуваат и заклучуваат игралиштата. Такви се семкарот во Карпош 4 кај слаткарницата „Рафаело“, како и повозрасна госпоѓа која редовно отклучува и заклучува детско игралиште спроти Лептокарија на Партизанска. Урбаната опрема, детските игралишта се направени и купени со пари од граѓаните. Впрочем нивно уништување е исто како да си го кршиме мебелот дома.“, додава Богоев.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира