Илјадници луѓе се ставени во карантин по ширењето на коронавирусот во една кланица во Германија.
Повеќе од 650 луѓе имале позитивен тест во погонот за преработка на месо во северозападниот град Гитерслох, каде што сите операции се прекинати од вчера попладне.
Досега се тестирани над илјада вработени, а уште илјадници чекаат да бидат тестирани. Тие и луѓето со кои биле во контакт се ставени во изолација. Поради ширењето на коронавирусот, сите училишта во регионот ќе останат затворени до крајот на месецот.
Портпаролот на компанијата „Тенис“, која е најголем преработувач на месо во Германија, на прес-конференција кажа: „Можеме само да се извиниме“.
Портпаролот Андре Филштате рече дека комапнијата работела интензивно да се заштити од коронавирусот и ги обвини своите работници, кои се од Романија и Бугарија, дека отпатувале дома за време на продолжениот викенд и го вратиле коронавирусот во Германија.
Германија доби многу пофалби за своето справување со епидемијата и иако има најмногу население во Европската Унија, досега има помалку од 9.000 починати од КОВИД-19. Владата вчера донесе одлука за забрана на сите големи јавни собири до крајот на октомври.