Втор ден гори депонијата Шапкар кај Струмица, за што реагираат жителите од населените места во нејзина близина. Од депонијата со часови се издига чад за кој алармираат и екологистите, кои бараат интервенција од надлежните, за да се спречи чадот кој се спушта по цела струмичка котлина. Бранко Ѓеоргиев од Комуналец вели дека пожарот е подметнат со оглед дека избувнал на простор каде последниве денови се депонирало ѓубрето.
Од ЈП Комуналец, кое стопанисува со депонијата, потврдија дека од вчера таа гори, за што во гаснењето биле вклучени противпожарни единици од Струмица и Радовиш, но и градежна механизација која врши потрупување на запалениот комунален отпад кој е зафатен.
„Пожарот е подметнат од собирачи на пластика кои живеат во околните села, а на депонијата одат за старо железо и пластика. Тој избувна на локација каде што изминативе денови се складираше отпадот и не е можно да дојде до самозапалување, бидејки температурите не се толку високи. Згора на тоа, станува збор за место каде што пред неполн месец извршивме тампонирање на тој простор со слој од 1,7 метри земја, според пропозициите“, рече Ѓеоргиев.
Станува збор за депонија каде отпадот од физичките и правните лица го складираат Општините Струмица и Василево. Таму дневно се транспортира и депонира од 180 до 190 метри кубни смет од двете комунални претпријатија. Според Ѓеоргиев, огнот е ставен под контрола но потребно е време за целосно да се санира, бидејки поради ветрот, тој се проширил речиси по половина од депонијата.
„Ситуацијата со пожарот сега е под контрола, но до целосно негово целосно санирање потребно е време, оти пола депонија гори. Наши екипи се таму и работат на гаснење“, рече Ѓеоргиев.
Депонијата Шапкар кај населното место Добрашинци речиси секое лето гори што од самозапалување, што од несовесни граѓани. Таа според проекциите треба да прерасне во регионална епонија, каде комуналниот отпад треба да го депонираат 10-те општини од Југоистокот.
В. ТРАЈКОВ