Водата во реката Брегалница пред Штип е целосно побелена и со непријатна миризба. Загадувањето на реката започнало по 17 часот и белилото од час на час било се поинтезивно. Најмногу водата е бела пред населбата „8 Ноември“, кај новиот мост на Брегалница.
„Секој ден одиме по пешачката патека која се протега долж реката. Наеднаш почуствувавме непријатна миризба, некако како на поликолор и кога поголеднавме кон реката непријатно се изненадивме од белата боја на водата“, велат граѓаните кои во голем број шетаат по патеката покрај реката Брегалница која се протега на седум километри од населбата Македонка до штипско Ново Село.
Надлежните еко-инспектори не успеавме да ги добиеме, но од општинските власти најавија дека веднаш ќе биде испратена екипа да изврши увид и да утврди од што е загадувањето и каква штета предивикало на живиот и растителниот свет.
Ова е прв пат загадувањето на водата во Брегалница да биде со непозната бела течност, обично имало загадување од испуштање отпадни црни масла и истекување фекалии од стопанските капацитети.
Т. ЈОВАНОВСКИ