ДИВАТА ЖУРКА БЕЗ ПРАВИЛА ЗАВРШИ СО ФИЈАСКО – СВЕТСКИТЕ МЕДИУМИ НЕМИЛОСРДНИ ПРОТИВ КОРОНА ЕГЗИБИЦИОНИЗМОТ НА ЃОКОВИЌ НА ТУРНИРОТ ВО ХРВАТСКА

    ДИВАТА ЖУРКА БЕЗ ПРАВИЛА ЗАВРШИ СО ФИЈАСКО – СВЕТСКИТЕ МЕДИУМИ НЕМИЛОСРДНИ ПРОТИВ КОРОНА ЕГЗИБИЦИОНИЗМОТ НА ЃОКОВИЌ НА ТУРНИРОТ ВО ХРВАТСКАУчесниците на турнирот толку беа опуштени што се ракуваа, гушкаа, играа кошарка и забавуваа во дискотеки (Фото: Ројтерс)

    Серијата егзибициски тениски турнири Адрија тур заврши со фијаско откако и нивниот организатор Новак Ѓоковиќ денеска објави дека имал позитивен тест на коронавирус, заедно со сопругата Јелена.

    Светските медиуми, тениските ѕвезди и социјалните мрежи се немилосрдни во критикувањето на светскиот рекет број еден, обвинувајќи го дека ги занемарил сите хигиенски протоколи и среде глобалната пандемија на коронавирусот организирал турнир на кој се играше пред полни трибини, никој не носеше маска, не се почитуваше социјалната дистанца, а играчите толку беа опуштени и неодговорни што се ракуваа, гушкаа, фотографираа со деца, играа кошарка и дури разголени се забавуваа во дискотеки. Францускиот спортски весник „Л‘Екип“ по сето ова го претстави Ѓоковиќ како дворски шут.

    Ѓоковиќ се дружеше и со деца за време на турнирот (Фото: АП)

    „Не ме прозивајте веќе за моите глупави и неодговорни постапки, ова е вон секоја конкуренција“, изјави Ник Кирјос, лошото момче на светскиот тенис.

    Вториот турнир во Задар беше прекинат пред да се одигра финалниот меч во неделата, откако Григор Димитров објави дека е заразен. Позитивен тест потоа им беше потврден на уште двајца играчи, Борна Ќориќ и Виктор Троицки, како и на неговата бремена сопруга, тренерот на Димитров и на кондицискиот тренер на Ѓоковиќ.

    „Новак Ѓоковиќ не сакаше ни да чуе за строгите хигиенски мерки како во Бундеслигата. Зачудувачки изгледаат видеоснимките на кои лекомислените тенисери се забавуваат во ноќните часови“, пишува германската агенција ДПА, додавајќи дека тој со својот егоизам ги загрозил плановите за продолжување на тениската сезона.

    Ѓоковиќ и сопругата Јелена имаат промовирано теории на заговор поврзани со коронавирусот (Фото: АП)

    Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ го опиша турнирот како „дива журка без никакви правила“, додека британскиот новинар Чарлс Вотс кажа дека „Ѓоковиќ направил импресивен обид да ја освои наградата идиот на годината“.

    Ѓоковиќ денеска се извини и се бранеше дека турнирот имал хуманитарен карактер. Тој и сопругата Јелена на социјалните мрежи имаат промовирано теории на заговор поврзани со коронавирусот и отворено се спротивставуваа на вакцинирањето.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира