ЧАДОТ ОД ОЏАКОТ НА ВЕЛЕШКАТА МАСЛОДАЈНА Е ПАРЕА И НЕ Е ШТЕТЕН, ТВРДИ РАКОВОДСТВОТО НА ФАБРИКАТА

    ЧАДОТ ОД ОЏАКОТ НА ВЕЛЕШКАТА МАСЛОДАЈНА Е ПАРЕА И НЕ Е ШТЕТЕН, ТВРДИ РАКОВОДСТВОТО НА ФАБРИКАТАДиректорката на производство Олгица Стојанова вели дека чадот што излегува од оџакот на Маслодајна е технолошка пареа. (Фото: СДК.МК)

    Зошто од оџакот на велешка Маслодајна често се јавува густ чад кој ги плаши велешани, зошто и по шест години фабриката нема добиено „Б“ еколошка дозвола, беа дел од прашањата на кои одговори раководството на фабриката „Благој Ѓорев“ од Велес. Ова е втора прес-конференција за неколку дена, откако со години молчеа додека велешани прашуваа, а одговор немаше.

    „Чадот што излегува од оџакот е технолошка пареа, резултат кога се пали котел, кога се проба, кога се реновира, кога се поправа. Таа не го загадува воздухот, не е штетна. И дозволено е 15 секунди по неговиот старт тој облак да се создава. Кога е поладно има поголема кондензација и тогаш повеќе се јавува. Јавноста не е запознаена и реагира без аргументи. Нашите мерења на воздухот не покажуваат дека облаците вршат загадување. Постапката за „Б“ еко дозвола ја започнавме од 2014 година и некои наши барања споро се спроведуваат. Имавме барање до ЈКП ‘Дервен’, за користење на бунарска вода, што ни беше позитивно одговорено и го добивме во април месец годинава. Баравме и дозвола за исфрлање на испусно-отпадна вода во отпадниот канал, доставено до Општина Велес. Водата која оди во каналот претходно е третирана во тристепени таложници, постојат гранични вредности кои мораме да ги почитуваме и досега не сме имале проблем со оваа вода“, кажа директорката на производство Олгица Стојанова, иако на претходната прес-конференција велеше дека барањето за отпадната вода било доставено до „Дервен“, што од таму го демантираа.

    Минатонеделниот инцидент, кога од резервоар на Маслодајна истече мазут што следниот ден заврши во реката Вардар, е втор голем еко- инцидент во капацитет, по тој во септември лани, кога во силос изгореа 400 кг пелети. Ако во првичните информации раководството на Маслодајна тврдеше дека се излеани 300 литри, сега зборуваат за 200 литри, но и натаму негира дека е виновник за еко-инцидентот, за кој Државниот инспекторат за животна средина по извршениот увид кажа дека има неправилности и оти ќе има казни за сторителот, кого не го именуваше.

    „Истекувањето на мазутот во неделата беше техничка грешка, кој не предизвика никаква опасност, штетност по здравјето на луѓето и животинскиот и растителниот свет. Тоа што улицата беше испрана и мазутот заврши во Вардар, не беше наша одлука“, рече Стојанова.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира