Повеќе од 42% жители на австрискиот зимски центар Ишгл се носители на антитела на коронавирусот, што е најголем процент досега пронајден, покажа истражувањето на Универзитетот во Инсбрук.
Ишгл стана озлогласен во март откако појавата на коронавирусот во градот помогна тој да се прошири низ цела Европа. Критичарите кажаа дека локалните власти реагирале предоцна, што довело до тоа илјадници туристи заразени да се вратат дома од зимскиот одмор.
Во периодот меѓу 21 и 27 април, Универзитетот тестирал 1.473 луѓе, речиси 80% од населението на Ишгл, откривајќи дека 42,2% од нив имаат антитела на вирусот во своето тело.
„Ова е највисоката стапка на поединци со антитела во кој било регион досега откриен“, изјави Дороте фон Лаер, која беше супервизор на истражувањето како шеф на Институтот за вирологија на Универзитетот во Инсбрук.