ТРИ ДЕНА ПО ЗАГАДУВАЊЕТО НА БРЕГАЛНИЦА ЗАМЕНИК-МИНИСТЕРОТ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА МАКРАДУЛИ ИЗЛЕЗЕ НА ТЕРЕН, НАЈАВИ КАЗНИ, НО НЕ КАЖА ЗА КОГО И КОЛКАВИ

    ТРИ ДЕНА ПО ЗАГАДУВАЊЕТО НА БРЕГАЛНИЦА ЗАМЕНИК-МИНИСТЕРОТ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА МАКРАДУЛИ ИЗЛЕЗЕ НА ТЕРЕН, НАЈАВИ КАЗНИ, НО НЕ КАЖА ЗА КОГО И КОЛКАВИСѐ уште нема официјални извештаи на државните лаборатории кои ги анализираа мострите земени од Брегалница. - Макрадули со штипскиот градоначалник Благој Бочварски (Фото: СДК.МК)

    Заменик-министерот на животна средина Јани Макрадули го посети Штип три дена по загадувањето на Брегалница и изврши увид на состојбата заедно со штипскиот градоначалник Благој Бочварски.

    Во отсуство на официјални извештаи на државните лаборатории кои ги анализираа мострите земени од водите на Брегалница, Макрадули само кажа дека Државниот инспекторат донел казна, без да прецизира конкретно за кого и за каква казна се работи.

    „Државниот инспекторат донесе една првична казна, а кога ќе се добијат анализите од лабораторијата и кога ќе се состави досието, тогаш ќе се донесе конечна одлука за висината на казната“, изјави Макрадули.

    Граѓаните и членовите на Риболовното друштво од Штип реагираат на спорото анализирање на мострите и бараат конкретни информации каква била материјата што течеше по Брегалница и водата ја направи бела како млеко, а неподносливата реа што се ширеше се чувствуваше и во подалечните населби.

    Риболовното друштво соопшти дека резултатите ќе биле познати в понеделник и дека досега не е забележан помор на риби.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира