Фејсбук објави дека лансирал нова алатка која ќе ги известува корисниците кога сакаат да споделат новинарски текст кој е стар повеќе од 90 дена, како најнов обид за справување со лажни и погрешни информации.
Предупредувањето нема да ги спречува корисниците да го споделат текстот, туку само ќе ги известува колку е стара информацијата.
„Новата политика има за цел да им обезбеди контекст и да ги информира луѓето за тоа што сакаат да го споделат. Во изминатите месеци, нашето внатрешно истражување покажа дека актуелноста на статиите е важен контекст кој им помага на луѓето да решат што ќе читаат, веруваат и споделуваат. И самите медиуми имаат изразувано загриженост за старите вести што се споделуваат на социјални мрежи, зашто тие многу често даваат погрешна слика за актуелни настани“, вели Џон Хегеман, потпретседателот за њуз фид на Фејсбук.
Фејсбук постојано беше критикуван за тоа што дозволуваше дезинформациите да остануваат на платформата или што беше пребавен во нивното отстранување. Едно истражување од април покажа дека 41% од дезинформациите за ковид-19 не биле тргнати од платформата, иако самите корисници ги означиле како погрешни.