Кризниот штаб на Свети Николе побарал увид од Државниот здравствен и санитарен инспекторат во голема конфекција во градот, каде има голем број на случаи на позитивни од ковид-19. Побарана е и поголема контрола од полицијата дали се почитуваат мерките за заштита од ковид-19. Ова доаѓа откако бројот на позитивни со коронавирус во градот деновиве почна да расте.
Во конфекција во градот има 15 заразени лица, од вкупниот број активни во општината кој е 54, заклучно со денешните четири новооткриени случаи. На барањето на раководството на конфекцијата, во текот на вчерашниот ден приватна лабораторија од Скопје извршила тестирање на 208 лица.
„На денешниот состанок на кризниот штаб на Општина Свети Николе, беше побарана поголема контрола од страна на МВР дали граѓаните носат заштитни маски по улиците на Свети Николе, дали се држи меѓусебно растојание, поголема контрола на организираниот превоз на работници, оти голем број жители на градот работат во Штип во тамошни конфекции, потоа контрола на автобускиот превоз“, изјавија од Центарот за јавно здравје Велес подрачна единица Свети Николе.
Во општината има 54 активни случаи, неколку од нив биле сместени на Инфективната клиника во Штип, додека повеќето биле на лекување во домашни услови. Денес има четири нови случаи заразени со коронавирусот. Во самоизолација се 75 лица од општината.
П. ПЕЧКОВ