Триесетгодишен маж од Тексас починал од ковид-19 откако присуствувал на забава организирана од друго заразено лице, објавија од Методистичката болница во Сан Антонио, нагласувајќи го ризикот што постои за млади луѓе.
Џејн Еплби, шефица на здравствената служба во болницата, кажа дека пациентот мислел дека вирусот е измама, иако од него досега починаа над 137.000 луѓе во САД.
„Ковид забава“ се организира од лице кое било дијагностицирано со коронавирус, со цел да се види дали вирусот е вистински и дали и други можат да се заразат.
„Некој ќе се зарази и потоа прават забава на која ги канат своите пријатели за да видат дали можат да ја победат болеста. Пред да почине, пациентот ѝ признал на медицинска сестра дека направил грешка. Мислел дека болеста е измама, мислел дека е млад и непобедлив и дека таа нема ништо да му направи“, рече Еплби.
Таа додаде дека младите пациенти понекогаш и самите не се свесни колку се болни.