Со денешните осум новозаразени лица со коронавирус во Штип, пополнето е Нервното одделение во Штип кое пренамени неколку болнички соби со вкупно 20 легла за потребите на Инфективното одделение да згрижува пациенти со ковид-19. Олеснителна околност е што двете одделенија се во една зграда и меѓу себе се поврзани само со две внатрешни врати на секој кат.
„Инфективното и Нервното одделение имаат згрижено 54 пациенти со ковид-19 од кои 10 лица се со кислородна поддршка. Капацитетот на Инфективното одделение од 34 легла беше исполнет уште пред две недели, но веќе се пополнуваат и 20-те легла и на Нервното одделение“ вели портпаролката на Клиничката болница во Штип, Марина Шуманска.
Клиничката болница соопшти дека на Инфективното и Нервното одделение се хоспитализирани пациенти од Штип, Кочани, Облешево и последните денови од Свети Николе кое веќе има 100 лица со позитивен тест.
Директорот на Клиничката болница во Штип, Ален Георгиев вели дека засега се справуваат со кризата со оздравените лица и со лицата со лесна клиничка слика кои се упатуваат на домашно лекување. Но , и покрај тоа тие разгледуваат нови алтернативни решенија доколку се зголеми бројот на заразените.
Т. ЈОВАНОВСКИ