НЕ ОДАМ ВО РЕСТОРАНИ И КАФУЛИЊА ОТИ НЕ СЕ СПРОВЕДУВААТ ВО ЦЕЛОСТ МЕРКИТЕ ЗА ЗАШТИТА – 10 ПРАШАЊА ЗА ДИРЕКТОРКАТА НА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА МИЛЕНА СТЕВАНОВИЌ

    НЕ ОДАМ ВО РЕСТОРАНИ И КАФУЛИЊА ОТИ НЕ СЕ СПРОВЕДУВААТ ВО ЦЕЛОСТ МЕРКИТЕ ЗА ЗАШТИТА – 10 ПРАШАЊА ЗА ДИРЕКТОРКАТА НА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА МИЛЕНА СТЕВАНОВИЌ„Сега најмногу посакувам одмор во Подмоље каде можам сама да се одвезам и ништо друго не ми треба. Препорачаните мерки за патување со авион и автобус мораат да се почитуваат во целост за да се минимизира ризикот од инфекција. Јас лично би патувала само ако се работи за неодложна работа“, вели д-р Стевановиќ, директорка на Инфективна клиника. (Фото: Приватна архива)

    Здравствените власти секојдневно апелираат дека задолжителното носење заштитни маски и одржувањето на физичката дистанца е единствениот начин со којшто земјава ќе излезе од здравствената криза со коронавирусот. Земјава изминатиов период бележи раст на бројот на новозаболени од ковид-19, а високи се и дневните статиски на починати лица по компликации од коронавирус.

    Од почетокот на коронакризата, медицинските лица се на првата борбена линија во справувањето со коронавирусот. САКАМДАКАЖАМ.МК ѝ постави 10 прашања на директорката на Клиниката за инфективни болести, д-р Милена Стевановиќ, за тоа како таа приватно се однесува за да се заштити од коронавирусот надвор од работното место.

    *Кога и каде носите заштитна маска?
    – Секогаш носам маска кога излегувам од дома, во кола ако со мене се вози некој кој не е член на моето семејство со кое живеам.

    *Освен семејството, дали дозволувате некој друг да ви влезе дома, како мајстори за поправка или хигиеничари?
    – Да, имав мајстори поради сериозен дефект, сите без исклучок носеа маски и одржуваа соодветно меѓусебно растојание.

    *Дали одите да пазарувате во продавница или пазарувате онлајн? Дали ги дезифинцирате и премивате работите надвор од нивните пакувања кога ќе дојдете дома?
    – Најчесто одам во продавница и без исклучок носам маска. Не дезинфицирам продукти во амбалажа, се разбира, редовно се премиваат продукти пред употреба ако не се во амбалажа. Тоа го правев и пред пандемијата на ковид-19.

    *Дали одите во ресторани, дали јадете таму или земате храна за носење?
    – Сѐ уште не одам во кафулиња и ресторани, не само времето што не ми дозволува туку и поради тоа што сметам дека мерките не се спроведуваат во целост.

    * Дали преземате дополнителни мерки за заштита кога подигнувате пошта, сметки или пратки?
    – Мерките се едноставни, јасни и ништо дополнително не е потребно освен кога се работи за одредени медицински процедури.

    *Дали сакате набрзо да летате со авион? Што мислите и за патувањето со автобус, воз?
    – Она што сега најмногу го посакувам е одмор во Подмоље каде можам сама да се одвезам и ништо друго не ми треба. Препорачаните мерки за патување со авион и автобус мораат да се почитуваат во целост за да се минимизира ризикот од инфекција. Јас лично би патувала само ако се работи за неодложна работа.

    * Дали некогаш повторно ќе се ракувате, гушнете со некого?
    – Во блиска иднина нема, но секако верувам дека повторно ќе ги гушнам луѓето кои ги сакам, но за тоа мора сите да бидеме исклучително дисциплинирани и посветени на битката против ковид-19.

    * Ако имате мало дете, дали ќе го пуштите на училиште на есен?
    – Немам дете кое би требало да оди на училиште, но мојата внука која е на помала возраст ги знае сите принципи на заштита и ги практикува во комуникација со врсниците.

    * Дали одите на рутински преглед на доктор, забар?
    – Сега не, не сум имала потреба.

    *Кои се вашите најдобри прогнози, кога ќе добиеме вакцина?
    – Мислам дека какви било прогнози се непотребни и неблагодарни. Кога ќе биде подготвена за употреба вакцината, нам ќе ни биде достапна, а дотогаш наместо да правиме различни проценки и предвидувања да се обидеме со она што ние самите можеме да го направиме за себеси и да се заштитиме.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира