ШТИП ЌЕ ГРАДИ МОНТАЖНА БОЛНИЦА ЗА КОВИД-19

    ШТИП ЌЕ ГРАДИ МОНТАЖНА БОЛНИЦА ЗА КОВИД-19„Мораме да преземаме вакви мерки уште сега оти сите најавуваат во септември дека ќе имаме нов бран на ковид-19“, вели директорот на Клиничката болница во Штип Ален Георгиев. (Фото: СДК.МК)

    За евентуалниот есенски бран на коронавирус, Штип се подготвува да изгради монтажна болница со капацитет од 50 кревети, најави денес директорот на штипската Клиничка болница Ален Георгиев, додавајќи дека е одредена локацијата и дека е проценето оти постојат услови за брза изградба на потребните инфраструктурни работи.

    „Во кругот на болницата имаме доволен простор да се постават монтажни бараки со вкупен капацитет од 50 кревети. Тоа е слободниот простор кај зградата на Детското одделение, кое ќе биде изолирано од мини монтажната болница. Мораме да преземаме вакви мерки уште сега, оти сите најавуваат во септември дека ќе имаме нов бран на ковид-19“, вели Георгиев.

    На Инфективното одделение се хоспитализирани 55 пациенти од повеќе градови во Источна Македонија, но најмногу се од Штип.

    „Новозаболените ги згрижуваме на дневна основа, излечените се праќаат дома, пациентите со лесна клиничка слика се упатуваат на домашно лекување, а тешките случаи се праќаат за Скопје. Со болниците во Велес и Кочани се договоривме да соработуваме во хоспитализација на заболените онаму каде што ќе има слободен простор. Планираме лицата кои имааат инфективни заболувања, но не се поврзани со ковид-19 да ги префрлиме во зградата на Кожното одделение. И останатите одделенија работат нормално, но ги третираат само итните случаи кои исто така не се поврзани со коронавирусот“, вели Георгиев.

    Во Скопје се изградија монтажни болници до Инфективната клиника и до Детската клиника, а се монтира монтажна болница до Клиниката за пулмологија.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира