Во една од најголемите текстилни фабрики која вработува над 1.000 текстилци, од вчера почна тестирањето во еден од погоните со 80 вработени само заради еден заболен со ковид-19. Во овој стопански капацитет досега се спроведувале најригорозни мерки и протоколи за заштита од коронавирус, но сепак се јавил случај една работничка да биде заболена.
Конфекцијата веднаш го изолирала погонот и почнала со тестирањето на сите вработени во критичниот погон. Раководството смета дека вработената заболела од надвор, можеби од дома, но превентивно се почнало со тестирање на сите вработени во погонот. Биле зајакнати и здравствените мерки и контролата на превозот на вработените, кој е групен.
Здравствените власти во Штип сметаат дека зголемувањето на бројот на заразените се должи најмногу на натрупаниот превоз на текстилните работници и на укинувањето на втората смена, која значеше превентивна дистанца на вработените преку една машина. Укинувањето на една смена значи истиот број работници да се превезува со еден наместо со два автобуса, а во халите да биде активна секоја машина една до друга.
И граѓанското здружение „ Гласен текстилец“ смета дека токму овие рестрикции со кои сопствениците сакаат да ги намалат трошоците се причината што шест конфекции меѓу кои и неколку големи со 300-500 вработени, го прекинуваат производствениот процес и вработените да ги пратат на колективен годишен одмор. Се смета дека пак нема доволно контрола на автобускиот превоз на работниците до фабриките и назад до дома.
Затоа ова здружение бара континуирани контроли на автобусите. Истовремено реагира и на непочитување на уредбата на Владата од вториот сет мерки за 14.500 денари како помош на фирмите. Поради тоа што голем број работници не ја зеле ниту минимална плата па дури биле и казнувани што биле дома по основ мерката за чување деца до 10 години, писмено бараат оваа и сите останати идни мерки преку УЈП да бидат директно упатени до работниците, а не дадени на фирмите кои ги злоупотребуваат финансиските мерки.
Т. ЈОВАНОВСКИ