Некогашен стражар во концентрационен логор доби двегодишна условна казна за соучесништво во убиствата на илјадници луѓе, што се смета за еден од последните судски процеси поврзани со нацистичките злосторства.
Деведесет и тригодишниот Германец именуван како Бруно Д. беше поврзан со најмалку 5.232 убиства извршени додека бил СС-чувар во логорот Штутхоф во 1944 и 1945 година. Тој беше прогласен за виновен од судот во Хамбург и доби условна казна зашто имал само 17 години додека бил на служба во логорот.
Бруно Д. признал дека бил стражар во логорот, но се бранел дека немал избор во тоа време. Против него сведочеле над 40 луѓе од Франција, Израел, Полска и САД. Се проценува дека во логорот Штутхоф, кој се наоѓал во близина на полскиот град Гдањск, биле убиени 65.000 луѓе, главно Евреи.
Германските обвинители истражуваат уште 14 луѓе кои се поврзуваат со четири концентрациони логори.