„Алкалоид“ забележа раст на консолидираните продажби од 10%, двојно ги зголеми инвестициите во износ од над 841 милион денари и вработи уште 111 луѓе во периодот јануари-јуни 2020.
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-јуни 2020, продажбите достигнуваат 4.740.145.403 денари, што е за 15% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби достигнуваат 6.067.515.783 денари, што е раст од 10%. Од нив, 66% се остварени на странските пазари. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 8%, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата за 10%.
Најзабележителен раст е остварен во земјите од Југоисточна Европа (14%), со продажби од над две милијарди денари. САД бележат раст од 16%, Русија и другите земји во ЗНД 8%, а земјите од Западна Европа 5%.
Во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација – 86%, а сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 14%.
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 944.488.412 денари, бележи зголемување од околу 12%, додека единечната нето-добивка изнесува 525.025.059 денари и е зголемена за 10%.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и амортизацијата достигна 978.792.142 денари и бележи раст од 13%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 511.911.371 денари е зголемена за 11%.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-јуни 2020 изнесуваат 841.058.536 денари, што е за 99% повеќе во однос на истиот период од лани.
Реализацијата на инвестициските активности, вредни над 12 милиони евра, наменети за проширување на производните капацитети, подобрување на енергетската ефикасност и за намалување на штетните емисии во воздухот, кои започнаа во 2019 година, се одвиваа во согласност со планираното. Нивното комплетирање е предвидено во текот на оваа година.
Во периодот јануари-јуни 2020, во „Алкалоид“ се реализирани 111 нови вработувања.
Акциите на „Алкалоид АД Скопје“ котираат на официјалниот пазар на Македонска берза за хартии од вредност од 2002 година и цената на акцијата во периодот јануари-јуни 2020 се движеше од 8.354 до 13.400 денари или просечно 11.949,58 денари за една акција, што претставува раст од 40% во споредба со просечната цена во истиот период од 2019 година. Пазарната капитализација на компанијата на 30 јуни изнесуваше 17 милијарди денари.