ЏАФЕРИ ОД БОЛНИЧКИ КРЕВЕТ ГО ЧЕСТИТАШЕ ИЛИНДЕН, ОСТАНУВА НЕИЗВЕСНО ДАЛИ ЌЕ ЈА ВОДИ КОНСТИТУТИВНАТА СЕДНИЦА

    ЏАФЕРИ ОД БОЛНИЧКИ КРЕВЕТ ГО ЧЕСТИТАШЕ ИЛИНДЕН, ОСТАНУВА НЕИЗВЕСНО ДАЛИ ЌЕ ЈА ВОДИ КОНСТИТУТИВНАТА СЕДНИЦАИ покрај тоа што најавуваше дека ќе ја води конститутивната седница на Собранието задутре на четврти август, што ја свика од болнички кревет, сепак, поради сериозноста на дијагнозата, најверојатно нема да биде во можност тоа да го стори. (Фото:СДК.МК)

    Претседателот на Собранието Талат Џафери од Инфективната клиника кај што закрепнува од бронхопневмонија, им напиша честитка за 2 Август – Денот на Републиката на сите граѓани.

    Денеска тој требаше да се обрати од Мечкин Камен, а место него, тоа го стори потпретседателот на Собранието Горан Мисовски.

    „Иако оваа година не се обраќам од Мечкин Камен, почитувани граѓани, на овој начин да ви го честитам големиот празник 2 Август – Денот на Републиката. Илинден е симбол на стремежот за подобро утре, за подобар живот на идните генерации, поправедно општество, напредок и повисоки вредности. Во ова исклучително време на предизвици, на овој посебен ден да се потсетиме на двата Илиндена; на Крушевскиот манифест и на идејата водилка на АСНОМ за слободна, независна и просперитетна Република Северна Македонија, почитувајќи , уважувајќи и потпирајќи се на ближниот, на сограѓанинот, на соседот“, честиташе Џафери на македонски и на албански јазик.

    Во честитката укажа дека сите треба да ги почитуваат мерките за сузбивање и спас од пандемијата од коронавирус.

    „Ви посакувам убав празничен ден со вашите семејства и посакувам што побрзо, преку почитување на мерките, разум и добро однесување да го надминеме и предизвикот КОВИД-19 и секој празник да го одбележуваме масовно, сплотено, слободно“, е желбата на спикерот и пратеник од ДУИ во новиот мандат.

    И покрај тоа што најавуваше дека ќе ја води конститутивната седница на Собранието задутре на четврти август, што ја свика од болнички кревет, сепак, поради сериозноста на дијагнозата, најверојатно нема да биде во можност тоа да го стори.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира