По конституирањето на новото Собрание, лидерот на СДСМ Зоран Заев кажа дека за среќа може да формира влада и со ДУИ и со Алијансата, но треба да се види „дали може да се очистат одредени национализми”, за да може секој во таа идна влада да му служи на секој граѓанин.
Но, рече дека зависи со кого ќе формира коалиција најмногу и од следните постулати, кои ќе им ги постави на двете албански партии во преговорите за ново парламентарно мнозинство:
„Разговараме за расчистување на судството, од вгнездените сваровски судии, за истражување на стекнатиот капитал на сите функционери, зборуваме за помал број министри, за 20 проценти помала администрација, за генерална реформа на администрацијата, разговараме за економијата во прв план, за здравството, екологијата која е есенцијалната тема, ќе видиме со кого ќе се најдеме на патот во преговорите”, рече Заев.
Министрите без ресор, иако не сите, ќе бара Заев да се укинат. За премиер рече треба да имате бројки, а со 15 пратеници, ДУИ не може да бара премиер.
На прашање дали уште смета дека ДУИ треба да оди во опозиција и дека нивниот глас не вреди ни пет пари, тој кажа дека граѓаните кажаа преку резултатите за кого гласале.
С. К. ДЕЛЕВСКА