O Кризниот штаб на Општина Тетово велат дека продолжува трендот на намалување на бројот на заболени од ковид-19, како во Општина Тетово така и во околните полошки општини. Во изминативе неколку денови, бројот на регистрирани случаи се движи од 2 до 5 дневно, а нешто помалку има и во околните 5 општини од Полошкиот Rегион. До неодамна, дневно беа регистрирани од 20 до 30 случаени на заразени.
Но, и покрај ваквите охрабрувачки податоци, од Кризниот штаб велат дека не е време за опуштање и се бара од населението, посебно од младите, поголема одговорност и доследно почитување на заштитните мерки.
„За среќа, во Тетово и регионот продолжува трендот на намалување на нови случаи ковид-19, додека бројот на оздравени лица е во пораст, па од минатата недела до денес бројката на активни случаи е значително намалена од 276 на 214 лица. Од Секторот за внатрешни работи Тетово информираа дека во Тетово и околните општини вкупниот број на лица кои се наоѓаат во изолација со одлука и самоизолација е 378. Од почетокот на пандемијата до денес, во Тетово и 5-те околни општини, вкупниот број на дијагностицирани со ковид-19 е 1.063 лица. Од овој број досега оздравеле 769 лица, а 80 починале, со што бројот на активни случаи во Тетово и 5-те околни општини изнесува 214 лица“, изјави градоначалничката Теута Арифи која е и раководител на Кризниот штаб на Општина Тетово.
Тоа што загрижува, велат од Кризниот штаб, е непочитувањето на заштитните мерки од голем број млади лица.
„Апелираме со посебен акцент до младите луѓе, да не се собираат во поголеми групи и да ги почитуваат мерките за физичко растојание, да носат заштитни маски и да внимаваат на личната хигиена. Исто така, деловните субјекти и стопанствениците строго да ги почитуваат протоколите и заштитните мерки, бидејќи за да се избориме против оваа пандемија мора да ја докажеме нашата решеност и високо ниво на општествена и граѓанска одговорност“, соопши Кризниот штаб.
З. АНДОНОВ