Осигурителната компанија „Еуролинк осигурување“ нема никаква капитална или друга поврзаност со „Еуростандард банка“ на која НБМ вчера ѝ ја одзеде дозволата за работа и ќе оди во стечај, зашто е во 100 отсто во сопственост на австриската „Граве груп“, соопшти компанијата.
„’Еуролинк осигурување’ АД Скопје од 31.03.2020 е во 100% сопственост на Grazer Wechselseitige Versicherung AG (GRAWE Group) со седиште во Грац, интернационална компанија со осигурителна традиција долга повеќе од 190 години. Оттука, сакаме да ги информираме сите наши осигуреници и соработници дека одземањето на дозволата за работа на ‘Еуростандард банка’ нема и ниту ќе има ефект врз нашето работење. ‘Еуролинк осигурување’ изнајмува деловни простории во сопственост на ‘Еуростандард банка’, каде е сместена нашата Централа, и истата продолжува да работи без прекин и пречки, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот“, велат од „Еуролинк осигурување“.
Народната банка (НБМ) вчера ја укина дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје и најави дека денеска до надлежниот суд ќе достави предлог за отворање стечајна постапка во банката.