Кардиологот д-р Сашко Николов од Одделението за интервентна кардиологија во болницата во Штип стана пратеник, но вели дека ќе продолжи да работи во болницата. Д-р Николов во изминатите 3-4 години стекна углед во Источна Македонија како основач на штипскиот Оддел за интервентна кардиологија, каде имаше пациенти од целиот регион со 300.000 жители, па дури и од Валандово, Кавадарци, Неготино, кои го одбрале Штип иако обично медицински гравитираат кон Велес и Скопје.
„Иако сум пратеник, за што им се заблагодарувам на граѓаните кои ми дале доверба, јас останувам и натаму доктор за сите. Според законот, дозволено ми е 15 часа во неделата да бидам на работното место и да работам. Овде не се опфатени викендите, но со закажување јас сум сигурен дека ќе имам интервенции и во саботите и неделите“, вели д-р Николов кого го посетивме на работното место на Одделението за интервентна кардиологија.
Тој вели дека најважно е што тој успеал во изминатите 3 години да создаде комлетно Одделение за коронографија и интервентна кардилогија.
„Едуцирав 6 доктори, од кои четворица комплетно се подготвени самостојно и без мене да интервенираат во сала. Имаме и тројца специјализанти кои исто така се подготвени за работа на кардиологија. Одделението располага и со 14 добро обучени медицински сестри, двајца болничари и двајца хигиеничари. Ваквото екипирано самостојно одделение лани изврши 1.500 коронографии и 600 стентирања од кои 300 беа итни инфаркти. Извршивме и посложени интервенции, како што се 30 стентирања на вратните артерии и 70 стентови на крвните садови на екстремитетите“, вели 40-годишниот д-р Николов, кој за оваа година предвидува да се зголеми бројот на коронографиите и на стентирањата на 900 за цела година.
Николов вели дека тој и покрај тоа што кога нема да биде во Парламентот ќе ѝ помага на неговата екипа, со закажување ќе ги извршува посложените интервенции, а во секое време ќе биде во комуникација со колегите и интерветната сала во Штип, затоа што веќе има воспоставено аудио-видео комуникациска врска со мониторите во сала, па смета дека со една таква конференциска линија може да биде во сала и за време на паузите во Собранието.
Д-р Николов нема веќе да биде советник во Советот на Општина Штип, оти поради пратеничката функција неговиот советнички мандат му го преостапи на Горги Димов од советничката листа на СДСМ.
Т. ЈОВАНОВСКИ